„Фрлај паметно за чист Карпош е мотото на кампањата што ја започнаа општината Карпош и ЈП „Комунална хигиена“ за правилно одлагање на кабестиот отпад. Градоначалникот на општината Карпош, Стефан Богоев, и директорот на „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани, ги информираа граѓаните дека може да се ослободат од кабестиот отпад оставајќи го во Центарот за селекција на отпад во Карпош 3, веднаш зад бензинската пумпа на „Макпетрол“ и, како што кажаа, така ќе ја заштитат и животната средина. Тие посочија дека електронскиот и електричниот отпад може да се одложи и во пунктовите во Влае 2, до игралиштето кај мостот „Обединети нации“ и во Центарот за селекција на отпад на ЈП „Kомунална хигиена“, или граѓаните може да пријават на 070 236 000, за да го подигнат одговорните од друштвото за управување со отпад „Нула отпад“.

– На веб-страницата на општината Карпош е поставен банер, преку кој граѓаните и по електронски пат може да ги добијат потребните информации за правилно одлагање на отпадот, да пријават дива депонија или оган на отворено. Десет службеници што работат во рамките на урбаните заедници добија овластување за комунални редари, со што се зголемуваат теренската контрола и санкциите за оние што свесно ја загадуваат животната средина. Сите имаме одговорност за заштита на околината, а Карпош со сите ресурси дејствува во оваа насока – рече градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.

Тој вчера зборуваше за информативната кампања што општината Карпош ќе ја спроведе во сите населби на своја територија. Имено, преку информативни постери и летоци граѓаните ќе ги добијат сите потребни информации за правилно фрлање и одлагање на секаков вид отпад.