Фото: Интернет-страница на Општина Кисела Вода

Општина Кисела вода денеска ја започна големата кампања која на дел од нејзините жители ќе им овозможи целосна сопственост на имотот. Имено, ако тие претходно имаа нелегални градби и го искористија правото на легализација, сега објектот е и правно нивен и со него можат да располагаат како што сакаат.

Општинските власти ги  информираат граѓаните, а воедно и поттикнуваат да го откупат земјиштето под легализираниот објект по цена од едно евро за квадратен метар. Притоа, не е важно дали објектот се наоѓа во дел на општината каде има или нема донесен детален урбанистички план. Важно е само земјиштето под него да е во државна сопственост.

– Свесен сум и дека се’ уште голем број од нашите жители чекаат да се заврши долгиот, слободно ќе кажам, веќе историски процес на легализација. Ве уверувам дека и на тоа се работи со полна пареа. Ангажиравме поголем број на административни службеници, го зголемивме бројот на комисии кои излегуваат на терен и сакам да ве информирам дека за само еден месец од моето доаѓање на функцијата градоначалник, изготвивме околу 300 решенија за легализација. Голем е бројот на заостанати предмети, но како што ветив во мојата Програма, за една година сите тие ќе бидат завршени. А потоа, и овие граѓани ќе можат да го докомплетираат својот имот со земјиште. „Моја земја, мој дом” е акција која ја почнуваме денес, а ќе трае се додека не му излеземе во пресрет и на последниот граѓанин кој има желба да си го откупи земјиштето и да биде свој на своето – истакна Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на општина Кисела Вода.

Дополнително, ако се работи за семејно домување, сопствениците на сега веќе легалниот објект, можат да го откупат и дворот. За откуп на дворот, потребно е за него да има урбанистичко-планска документација. А цената е повторно едно евро за еден квадрат, доколку се работи за површина до 500 квадратни метри.

Преку кампањата „Моја земја, мој дом” се упатува јавен повик до сите жители кои успешно го завршиле процесот на легализација, дека никогаш не било поедноставно да го докомплетираат нивниот имот. Објектот е веќе нивен, а за да го поседуваат и земјиштето, тие ќе имаат целосна логистичка поддршка од службите на Општина Кисела Вода.

Оформени се тимови кои ќе работат на оваа проблематика, а секако, првиот чекор е да се посети општинската веб-страница. Таму е наведена целосната потребна документација, критериумите и контакт на кој може да се добијат дополнителни информации.

Освен на веб-страницата, потребните информации за отпочнување на процесот можат да се добијат и на шалтер, во Архивата на Општина Кисела Вода, која од неодамна работи и во втора смена до 20 часот.