Фото: Маја Јаневска-Илиева

Официјално почна грејната сезона и скопјани, кои се приклучени кон топлификациската мрежа, вчераутро се разбудија со топли радијатори, а греење ќе имаат до 15 април кога завршува сезоната. Со почетокот на грејната сезона повторно почнаа и старите проблеми на корисниците, како да заштедат пари, но и како да добијат греење подолго во ноќта од она што досега е предвидено, односно само до 22 часот. Од „Балкан енерџи груп“ тврдат дека доколку правилата за испорака на топлинска енергија се изменат и се предвиди подолг период на испорака, компанијата има капацитет да испорача топлинска енергија и подолг временски период од сегашниот.

Многумина наутро исто така би сакале да ги затворат вентилите на радијаторите и да не им се затоплуваат домовите кога се отсутни, но таква можност немаат. Поставувањето на таканаречените калориметри или алокатори во просториите на станот беше проект што АД „Топлификација“ се обидуваше да го истурка, но некако остана недовршен. Калориметрите се единствените алатки со кои граѓаните би можеле да не затоплуваат таму каде што не престојуваат. Значи, само доколку имаат калориметри ќе можат да си дозволат да трошат онолку колку што тие сакаат и да заштедат на сметките за парно. За многумина сега во 21 век е неприфатливо да нема греење преку цела ноќ, во услови кога можеби многумина од дома работат на компјутери или стануваат повеќе пати во ноќта бидејќи имаат мали деца. Помина тоа време кога сите легнуваа до 23 часот, а начинот на живот бара и нови можности и услови за тој да ни биде поудобен, коментираат некои скопјани. Единствена можност за загревање на своите домови цели 24 часа имаат корисниците на ЕЛЕМ енергетика, а сите други, оние на топлификацијата „Скопје Север“ и БЕГ добиваат греење од 5 наутро до 22 часот навечер. Се поставува прашање дали можеби не е поисплатливо за дистрибутерите на топлинска енергија системот да функционира 24 часа, отколку да го исклучуваат, па тој да се излади и да повлече многу повеќе енергија кога одново се вклучува.

– Нема дискусија дека е поскапо кога системот се исклучува, па повторно се вклучува за да се загрева наутро, но така одлучила Регулаторната комисија за енергетика. Инаку треба цела ноќ да работат пумпите, а тоа ќе значи и зголемување на фиксните трошоци, кои ќе повлечат и зголемување на цената на парното за граѓаните. Некој можеби може, но некој не може да си дозволи. Калориметрите би можеле да го решат сето ова, за да не ми ограничува никој кога да се греам, а кога не – вели Марко Серафимов, професор на Машинскиот факултет во пензија.

Од БЕГ ни го повторија она што деновиве го кажаа и во соопштението дека во согласност со правилата за испорака на топлинска енергија во регулираниот период за испорака, од 15 октомври 2018 до 15 април 2019 година, испораката се врши по строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и надворешните температури. Од компанијата велат дека поставувањето алокатори или уреди за локално распределување на топлинската енергија е предвидено во новиот Закон за енергетика. Во него се предвидува поставување алокатор во секој новоизграден објект што се приклучува на системот за дистрибуција на топлинска енергија. Но што ќе се случува со старите станбени згради, како може тие да постават алокатори? И за ова од БЕГ се ненадлежни и велат дека се раководат од веќе пропишаните правила.

Правилата и дијаграмите се утврдени во регулативата за испорака на топлина до потрошувачите одобрена од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија – повторуваат од БЕГ.

Од компанијата појаснуваат дека при испораката на топлинска енергија се обезбедува оптимална потрошувачкa со минимални трошоци за греење на корисниците. Во овој регулиран период, во согласност со законските и подзаконските акти за снабдување со топлина, „Балкан енерџи груп“ е обврзана да испорачува топлинска енергија во строго утврдениот рок и во согласност со правилата.