Ведран се роди на универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“

Пречекот на Нова година, веројатно како и другите години граѓаните го поминаа не изневерувајќи го духот на празничното расположение. Многумина ја пречекаа Нова година во своите домови, но сепак имаше и такви што прославија на отворено или во угостителски објекти.

Првородени деца во новата година се Ведран Ангеловски и Николај Карин, кои се родија во првата минута на 2019 година. Ведран се роди на универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“, со царски рез, а Николај, пак, на светот дојде по природен пат, во породилиштето во Чаир. Во двете родилишта вчера се родиле 15 здрави новороденчиња. Во текот на предновогодишната ноќ се родиле седум новороденчиња во Клиничкиот центар, а осум во Чаир. Министерот за здравство Венко Филипче им посака долг и здрав живот на новороденчињата. Ведран е првото дете на 25-годишната скопјанка Александра Ангеловска и е тешко 3.920 грама, а долго 52 сантиметри.

– Би сакала сите да добијат ваков подарок како мене. Се чувствувам прекрасно. Не очекував дека ќе се породам веднаш по Нова година, но се надевав и ми се исполни тоа. Породувањето помина во најдобар ред – изјави мајката на Ведран, Александра Ангеловска.

Првороденото бебе го посетија министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, градоначалникот на општината Гази Баба, Борис Георгиевски, и градоначалникот на градот Скопје, Петре Шилегов. Тие на родилката ѝ подарија златник, штедна книшка од 20 илјади денари, кадифено мече и бонбониера. Исто така Петре Шилегов на Ведран му посака да биде здрав и жив, но и редовно да се вакцинира.

Дежурната екипа во универзитетскиот гинеколошки центар, според директорот Игор Самарџиски, била многу ангажирана, бидејќи имала неколку комплицирани случаи, каде што во изминатата 2018 година се родиле вкупно 4.630 бебиња.

Вестите за првородените деца секогаш предизвикуваат радост, но и навестуваат дека наредната година ќе биде среќна и плодна. Сепак, некои настани од новогодишната ноќ укажуваат колку забавно си поминале граѓаните за пречекот на Нова година. Според Министерството за здравство, за Нова година биле третирани околу 60 пациенти. Дваесет и четири скопјани ја пречекале Нова година на токсикологија, тројца користеле психоактивни супстанции, двајца се повредиле со петарди, еден со стаклена чаша, додека осум лица биле повредени во тепачки, а девет во сообраќајки, од кои еден е на КАРИЛ.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека за време на новогодишната ноќ на Клиниката за токсикологија во текот на новогодишната ноќ биле примени 27 пациенти, од кои 24 во алкохолизирана состојба, а тројца од нив предозирани со дрога. Во текот на ноќта во алкохолизирана состојба биле донесени вкупно 10 малолетници, а најмладиот пациент имал 15 години. Како и лани, и оваа новогодишна ноќ на клиниката се третирани повеќе мажи. Министерот за здравство изјави дека е намален бројот на лицата што користеле психоактивни супстанции.

– Многу е намален бројот на лицата што користеле психоактивни супстанции. Во однос на многу поголемиот број во изминатите години, оваа година имаше тројца. Двајца од нив се пуштени дома, а една пациентка е задржана на опсервација на Клиниката за токсикологија – вели министерот Филипче.

Министерот информира дека од оние лица во алкохолизирана состојба, сите се пуштени на домашно лекување по третманот. Исто така додаде дека новогодишната ноќ, за разлика од претходните години, поминала релативно мирно. Но, сепак, забавата за пречекот на Нова година заврши со големо количество ѓубре и отпадоци. Само од градскиот плоштад биле собрани речиси 40 кубни метри најразличен отпад.
– Секоја година на први јануари, по завршувањето на новогодишната прослава, екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје собираат отпад и го чистат и метат градскиот плоштад. Нашите вработени новогодишната ноќ и првото јануарско утро ги дочекаа работно, а во текот на ноќната и утринската смена собраа и транспортираа речиси 40 кубни метри различен отпад од новогодишната населба Винтерленд, градскиот плоштад, улицата Македонија и Старата чаршија – велат од „Комунална хигиена“.

Наедно, според територијалната противпожарна единица, дежурните екипи интервенирале при осум пожари на територијата на градот Скопје за време на новогодишната ноќ. Противпожарни единици интервенирале во периодот од 19 часот на 31 декември до седум часот наредниот ден. Оттаму информираат дека немало повредени, туку дека е причинета само материјална штета. Штетата од изгорените контејнери се проценува на околу 60.000 денари.

– Пожари предизвикани од запалени контејнери имаше на Партизанска во општината Карпош, како и на улиците 4 Јули во Ѓорче Петров, Вуковарска во Чаир и Јани Лукровски во Автокоманда. На улицата Марко Орешковиќ во Кисела Вода беше регистриран пожар предизвикан од оџак, поради електрична бандера. Се интервенираше и во селото Глумово, општина Сарај, а сува трева гореше на улицата Радишанска во општината Бутел – информира територијалната противпожарна единица.

Вработените на „Комунална хигиена“ собраа речиси 40 кубни метри отпад