Фото: Маја Јаневска-Илиева

Светот станува пренаселен, моторите од автомобилите и индустриите продолжуваат да испумпуваат загадувачки емисии на штетни материи, а половина од населението нема пристап до чисти горива и технологии. 
Токму емисиите од транспортот се главната причина за загадувањето на воздухот во светски рамки.

Светската здравствена организација акцентира дека загадувањето на воздухот убива околу 7 милиони луѓе низ светот секоја година. Податоците покажуваат дека 9 од 10 луѓе дишат воздух што содржи високо ниво на загадувачки материи. Според тоа, проблемот со загадувањето на воздухот е глобален проблем. Нашата држава како во главниот, така и во другите градови исто така мака мачи со загадениот воздух. Според пресметките на Институтот за јавно здравје, причината за починувањето на дури 1.250 лица во 2017 година е поврзана со загадувањето.

Начинот на кој се справува светот со загадувањето и она што се прави кај нас е сосема различно. Во Македонија, според истражувањата, главните причинители на загадувањето се домаќинствата, потоа индустријата, па сообраќајот, градежните активности и градската прашина. Додека ние се бориме со ПМ-честичките, во европските земји мака мачат со емисиите од транспортот.

Според извештај од Комитетот за медицински ефекти од загадувањето на воздухот (КОМЕАП) во 2009 година загадувањето на воздухот од азот диоксид предизвикува околу 23.500 рани смртни случаи секоја година во Велика Британија. Оваа земја оттогаш и годината потоа мака мачи да се справи со загадувањето од азотен диоксид. Проблемот со загадувањето на воздухот и здравствената состојба на граѓаните наложија итна реакција од страна на меѓупартискиот комитет на пратениците во 2016 година. За почист воздухот во Велика Британија, Партијата на зелените достави предлог-закон за чист воздух и како мерка предложи затворање на улиците пред училиштата.

– Затворањето на улиците пред училиштата за сообраќај, додека учениците пристигнуваат и си заминуваат од училишните објекти е мерка што ќе направи училишната средина да е побезбедна и помалку загадена за децата. Од Лондон до Единбург, насекаде каде што е имплементирана оваа мерка, имаше видливо помалку автомобили на патот, а повеќе деца пешачат и возат велосипеди безбедно на училиште. Ова не само што им помага на децата за да имаат почист воздух, туку тие добија можност за физичка активност. Сега тие дишат помалку загаден воздух, што е добро за детските бели дробови – вели Џонатан Бартли, ководач на Партијата на зелените.

Од друга страна, пак Германија, за да избегне големи казни за пречекорување на границите на загадувањето во воздухот, размислува да го направи јавниот транспорт бесплатен во пет германски града. Германската Партија на зелените од претходно ја имаше промовирано оваа идеја и повторно се заложува за нејзина реализација.

– Зелените се подготвени да започнат сеопфатен, паметен концепт за јавен превоз во локалните заедници. Сепак, добрата услуга за јавен превоз чини пари, така што на засегнатите граѓани треба да им биде овозможено да коодлучуваат за новите модели на финансирање. Главно, треба да се создадат нови законски рамки за новите модели на финансирање, како што е локалниот даночен транспорт. Го презентиравме концептот „Мобилипас“, кој е економичен, поврзан со сите видови транспорт и е лесен за користење. Особено е прифатлив за социјално загрозените луѓе и за младите семејства. Во Хесен, министерот за транспорт на зелените, Тарек ал Вазир, само што воведе студентски билет за целата држава. Сојузната Влада, од друга страна, пред две години го замрзна финансирањето на општинскиот транспорт до 2025 година. Многу реконструкции на инфраструктурни проекти беа замрзнати со години, но потребата за реновирање продолжува да расте. Ова е една од причините зошто јавниот транспорт продолжи со текот на годините да станува поскап и на многу места е преоптоварен – вели Антон Хофрајтер, претседател на пратеничката група Алијанса 90/зелените.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Европскиот суд може да изрече мултимилионски казни

Според Агенција на Европскиот парламент, загадувањето на воздухот резултира со повеќе од 400.000 рани смртни случаи во Европа секоја година. Британија и пет други нации се посочени од највисокиот суд на Европа за неуспехот да се справат со недозволените нивоа на загадување на воздухот. Европскиот суд на правдата има моќ да наметне мултимилионски парични казни, ако земјите набрзо не најдат решение за проблемот со загадениот воздух. Велика Британија, Франција, Германија, Унгарија, Италија и Романија – добија последно предупредување од страна на Европската комисија во јануари. Нивниот план за намалување на загадувањето на воздухот повеќе се однесува на азот диоксидот, кој најчесто произлегува од дизел-возилата. За овој вид загадување степенот на загаденост е незаконски висок од 2010 година во поголемиот дел од урбаните области во Велика Британија. Последните владините истражувања покажаа дека чистите воздушни зони, во кои автомобилите се одвраќаат од центрите на градот со казни за загадување, се најефикасното решение за справување со загадениот воздух. И тие се обидуваат на овој начин да го решат загадувањето. Но министрите одбија да ги направат овие мерки како задолжителни, туку ги прогласија за доброволни.


Од ЕУ се најзагрижени за емисиите на азот диоксид

Брифингот од директивата за квалитет на воздухот на ЕУ наведува дека има два загадувача на воздухот: ПМ 10 честичките и азот диоксидот. Општо земено, транспортот е најголем учесник во вкупните емисии на азот диоксид во ЕУ, додека согорувањето на горивото во комерцијалните објекти, институциите и домаќинствата најмногу придонесува за вкупните емисии на честички, особено во некои источноевропски земји. Може да се заклучи дека поразвиените земји не се борат со ПМ-честиците, тој проблем им е надминат, тие повеќе се загрижени за решавање на загадувањето од возилата.
Според Агенција за заштита на животната средина на САД, азот диоксидот е еден од групата на високореактивни гасови познати како оксиди на азот или азотни оксиди. Азот диоксидот првенствено се пренесува во воздухот од согорувањето на горивата, од емисиите на возилата и од електричните централи. Дишење воздух со високи концентрации на азот диоксид може да ги иритира дишните патишта во човековиот респираторен систем. Подолги изложувања на покачените концентрации на азот диоксид може да придонесат за развој на астма и потенцијално да ја зголемат чувствителноста на респираторните инфекции.