На мостот има десетици катанци со изгравирани имиња / Фото: Игор Бансколиев

Град Скопје е запознаен со појавата на поставување катанци на оградата на мостот, а поставувањето катанци е феномен што го има во сите поголеми градови во Европа и во светот (т.н. љубовни катанци). Досега не сме имале акција за нивно отстранување бидејќи со тоа не се прекршуваат комуналните одредби. Сепак, Град Скопје ги има задолжено јавните претпријатија да ја следат состојбата за да не се создадат некакви проблеми на самата ограда на Мостот на револуцијата, а доколку дојде до таков проблем, тие ќе бидат отстранети, информираат од Градот

ЕДНА ПОИНАКВА, ЉУБОВНА СТРАНА НА ГРАДОТ

Скопје чува илјадници љубовни тајни. Градскиот парк, Водно, плоштадот и многу други локации се сведоци на голем број љубовни прошетки и приказни. Веќе неколку години главниот град има и мост на љубовта, на кој заљубените двојки, по примерот на Мостот на уметноста во Париз, закачуваат катанци со изгравирани имиња или иницијали, за да ја овековечат, запечатат и да си ја ветат својата љубов.

На мост си ја ветуваат љубовта

Она што е Мостот на уметноста во Париз, тоа е Мостот на револуцијата во Скопје. Со десетици закачени катанци на него, овој мост е нашиот мост на љубовта. Иако катанците не се во голем број како во случајот со мостот на реката Сена, сепак оваа практика трае повеќе години и е многу симпатична, бидејќи говори за една сосема друга приказна на градот.
На мостот има десетици катанци со изгравирани имиња. Како изјава за вечна љубов и доказ за неа, двојките ги закачуваат катанците со надеж дека нивната љубовна приказна ќе трае засекогаш.
Оваа практика и за постарите и за помладите скопјани е доста симпатична.
– Во наше време љубов изјавуваме со гравирање на иницијалите на дрвјата или на клупите со клуч или со некој остар предмет. Ова со катанциве е помодерно, посовремено, но морам да кажам дека е многу слатко, романтично и симпатично. Говори за другата страна на градот, за онаа романтичната, онаа што верувам дека сите заљубени ја почувствувале во Скопје. Во вакво време-невреме, убаво е да се види дека се случуваат убави нешта, дека работите и не се толку црни како што изгледа, дека сѐ уште постои љубовта – вели Вера Тодорова, жителка на Скопје.
Помладите генерации, пак, особено оние што веќе биле и ги виделе катанците ставени од илјадници вљубени на Мостот на уметноста во Париз, велат дека нашиот мост на љубовта нималку не е како тој во Париз, но сепак изгледа убаво.

– Бев во Париз и го видов мостот. На тој мост имаше илјадници катанци. Сепак, треба да се има предвид дека на тој мост катанци поставиле двојки од целиот свет, бидејќи Париз важи за еден од најромантичните градови во светот. Нашиов мост е многу помал и има значително помал број катанци, но сепак пораката што ја испраќа е иста и таа говори за љубовта. Се надевам, еден ден кога и јас ќе ја пронајдам мојата љубов, ќе имам можност да поставам катанец како чин на ветување за вечна љубов – вели Ангела Стојановска.
За градските власти, поставувањето катанци не претставува проблем за безбедноста и сигурноста на мостот, но нагласуваат дека доколку се случи бројот на катанци да стане опасен по сигурноста на мостот, тие ќе бидат отстранети.
– Град Скопје е запознаен со појавата на поставување катанци на оградата на мостот, а поставувањето катанци е феномен што го има во сите поголеми градови во Европа и во светот (т.н. љубовни катанци). Досега не сме имале акција за нивно отстранување бидејќи со тоа не се прекршуваат комуналните одредби. Сепак, Град Скопје ги има задолжено јавните претпријатија да ја следат состојбата, за да не се создадат некакви проблеми на самата ограда на Мостот на револуцијата, а доколку дојде до таков проблем, тие ќе бидат отстранети – информираат од Градот.

Катанците од Париз заминаа во историјата

Мостот на уметноста во Париз, повеќе познат како мост на љубовта, за жал, повеќе нема катанци. Тие беа отстранети во 2015 година, бидејќи на мостот имаше неверојатни 700 илјади катанци, со проценета тежина колку 20 слона. Под притисокот на тежината, дел од оградата на мостот во 2014 година падна и целокупната ситуација со катанците од романтична и слатка, стана ризична за жителите на Париз и за туристите. Поради тие причини, властите одлучија да ги отстранат катанците.
Сега, кој и да посака да постави катанец, доколку биде фатен од тамошните власти, ќе добие казна за тоа.
Како знак за внимание и почит на сите што си ја ветиле својата вечна љубов на овој мост, сите катанци што беа закачени на мостот, откако беа извадени од страна на работниците, станаа дел од уметничкото дело на артистот Кармен Марискал, кој не сакаше катанците да завршат на отпад, но и на некој начин да ја зачува љубовната симболика на двојките што закачиле катанец на мостот, па направи една поинаква уметничка инсталација.
Станува збор за направена мала куќа во срцето на Париз, која ги симболизира љубовта и посветеноста помеѓу двојките. Уметничкото дело го носи името „Дом“.


Традицијата потекнува од Србија

Традицијата да се закачуваат љубовни катанци на ограда на мост не потекнува од Париз туку од Србија, поточно од Врњачка Бања. Пред почетокот на Првата светска војна, додека сѐ уште војната не била на повидок, се вљубиле наставничката Нада и српскиот офицер Реља. Толку многу се засакале што си се ветиле еден на друг. Тоа била љубов за која зборувале сите и на која ѝ се восхитувале. Но почнала војната, со сите ужаси што може да ги донесе таа. Офицерот Реља заминува на боиштето во Грција. Заминува, но никогаш не се враќа, затоа што таму се вљубува во Гркинка, по што ја раскинува свршувачката со Нада. Нада, скршена од тага и болка, умира млада.
Бидејќи Нада и Реља своите средби ги остварувале на мост, по смртта на Нада, девојките почнале да закачуваат катанци на кои ги гравирале своите и имињата на свршениците, за да ја заклучат својата љубов и таа никогаш да не заврши како љубовта на несреќната наставничка Нада.

[email protected]