Петмина од вкупно 23 исклучени возачи од сообраќај управувале со моторно возило под дејство на алкохол, а 18 лица возеле без возачка дозвола изминатиов продолжен празничен викенд. И овој пат полицијата евидентирала неодговорно однесување на граѓаните, кои предизвикуваат опасност по другите учесници во сообраќајот.

– Во текот на 6, 7, 8 и 9 декември, на подрачјето на СВР Скопје, по преземените мерки и активности, од сообраќај се исклучени вкупно 23 возачи. Петмина затоа што управувале возило под дејство на алкохол и 18 возачи затоа што управувале возило без да се стекнат со право на управување на моторно возило. Исто така, исклучени од сообраќај се и 21 возило, бидејќи биле нерегистрирани -информираат од МВР.

Санкционирани се седум возачи поради поминување крстосница на црвено светло и шест возачи поради недавање првенство на минување на пешаци. Полициската евиденција вели дека се санкционирани и 21 пешак, поради поминување коловоз надвор од пешачки премин, а 11 пешаци биле казнети затоа што поминувале коловоз на црвено светло. Во текот на изминатите денови со специјалното возило „пајак“ биле подигнати 121 возило.