Камиони и градежни машини што влегуваат и излегуваат од градилиштата креваат голем прав, разнесуваат кал или несоодветно обезбедени истураат песок и чакал по улиците. Со тоа не само што дополнително ја загадуваат животната околина туку и воздухот. Се поставува прашање колку надлежните контролираат и санкционираат по објектите

Бидејќи загадувањето на воздухот ги засега сите, голем дел граѓани веќе доволно свесно почнуваат да анализираат што сѐ го загадува воздухот, па на некој начин и тие сами забележуваат одредени појави на кои остро реагираат. Во таа палета градски проблеми обврзани со загадувањето не може да се заобиколи ни загадувањето од градежните зафати во градов, кои се интензивни и секојдневни. Прашината што се создава околу градилиштата е дополнителен проблем со кој се соочуваат пешаците кога поминуваат покрај ваквите локации, а секако и станарите што живеат во непосредна близина на објектите во изградба.

Дополнителен проблем е што сите камиони и градежни машини што влегуваат и излегуваат од градилиштата разнесуваат кал, прашина или се несоодветно обезбедени, па истураат и градежен материјал, најчесто песок и чакал, по тротоарите и улиците. Оставајќи го сето ова зад себе, не само што го загрозуваат сообраќајот на улиците туку дополнително ги загадуваат животната околина и воздухот, особено во деновите кога штетните ПМ-честички ги надминуваат дозволените гранични вредности. Извалканите сообраќајници често се оставени да ги измие дожд, кој, пак, одамна го нема поради долгиот сушен период.

Градежните активности на објектите не можат да запрат, но градилиштата би требало барем да се придржуваат до одредени законски пропишани норми, велат некои граѓани. Од друга страна, пак, поставуваат прашање колку надлежните во општините или градот ги контролираат градилиштата колку се однесуваат адекватно во согласност со пропишаните законски рамки за да не ја загадуваат животната околина. Според членот 14 од Законот за јавна чистота, се забранува превоз на песок, земја, цемент или слични материјали без претходна подготовка и поклопување на материјалите со поклопец, како и вклучување во сообраќај на моторни, влечни и запрежни коли од стоваришта или градилишта со валкани тркала.

Од градот Скопје велат дека нивните инспекциски служби и комунални редари ги контролираат градилиштата. За петмесечен период годинава тврдат дека изрекле четирикратно повеќе мандатни казни од лани за прекршување одредби од Законот за јавна чистота.

– Овој период засилено се контролираат сите градилишта, во рамките на засилените активности против загадувањето на воздухот. Во тие рамки, нашите комунални инспектори и редари редовно ги контролираат сите градилишта за тоа дали се придржуваат до горенаведените прописи. Последните статистички показатели ни се за периодот јануари – мај 2019 година, кога се изречени вкупно 649 мандатни казни, што претставува четирикратно зголемување на бројот на изречени казни во споредба со истиот период во 2018 година, кога биле изречени 149 мандатни казни (сите се мандатни казни за прекршувања на одредбите од Законот за јавна чистота, не се издвоени само за контрола за градилиштата). Покрај ова, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ во континуитет спроведуваат акции за миење на улиците и булевари.

Дополнително, во услови на зголемена загаденост, една од серијата мерки што ги донесува градот Скопје е целосен прекин на сите градежни активности на градилиштата под своја надлежност (каде што ние сме инвеститор, во вид на реконструкции и изградба на улици и булевари), а наедно ги повикува сите градоначалници од општините во градот Скопје да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност – истакнуваат од градот.

Но во голем дел од скопските општини некои од градилиштата интензивно работеа, а градежните активности не беа запрени ниту во деновите кога Скопје три дена по ред беше на листата на најзагадени градови во светот.