По трагичната гостиварска случка, кога бегајќи од куче скитник младата Џејха Меџити заврши во водите на Вардар и се удави, се огласи и Ветеринарната комора на Република Македонија, со барање строги казни за неодговорните сопственици на кучињата.

Од Комората сметаат дека коренот на проблемот со бездомните кучиња е во неодговорното сопствеништво, во кое спаѓа и репродукцијата, а и со неа поврзаната потреба од стерилизација или кастрација на животното. Тие сметаат дека секој сопственик на миленик треба да се идентификува и, доколку направил прекршок, строго да се казни.

Ветеринарите акцентираат дека досега се третирале само последиците од проблемот. А повеќе општини во однос на овој проблем постапувале нецелисходно и несоодветно.

– Актуелната ситуација со бездомните кучиња, која е резултат на многубројни општествени слабости, социоекономски, ментални и цивилизациски и која поради долгогодишното занемарување и маргинализирање на проблемот е крајно загрижувачка и надвор од контрола, што носи сериозни комунални, јавно-здравствени и безбедносни ризици, конечно бара ангажман на целокупната општествена заедница и преиспитување на досегашните модели и постапки. Повикуваме сите инволвирани чинители да пристапат кон сеопфатна анализа на проблемот за наоѓање одржливи и системски решенија – велат од Ветеринарната комора и го поздравуваат владиниот потег за законски измени за справување со проблемот.