Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во наредниве денови, екипите на ЈП „Улици и патишта“ ќе интервенираат со поставување мерки за „смирување“ на сообраќајот, пред сѐ такви за кои не е потребно одобрување од Секторот за внатрешни работи – Скопје. Мерките за кои е потребно вакво одобрување од СВР (какви што се монтажни перничиња, издигнати платоа…), ќе бидат поставени за неколку месеци, штом ќе завршат сите административни постапки, информираат од Градот

ВЕЌЕ НЕКОЛКУ ДЕНА ЖЕЛЕЗАРЦИ НА ПРОТЕСТ ПОРАДИ СООБРАЌАЈНОТО ДИВЕЕЊЕ НА ВОЗАЧИТЕ

Во многу наврати досега „Нова Македонија“ апелира, упатува повици и предупредувања до сите учесници во сообраќајот за тоа колку е огромна ранливоста на пешаците во сообраќајот. Илјадници текстови се напишани токму на таа тема, а повторно низ улиците во земјава се повредуваат или умираат голем број пешаци, од кои најголемиот дел го губат животот поради пребрзо возење на возилата. Голем број кампањи и апели се реализираа во изминатиот период токму за да се алармираат возачите дека е потребно да возат многу внимателно, но, сепак, ситуацијата на терен покажува дека возачите сѐ уште премногу го притискаат педалот за гас, до тој степен што со тоа му ставаат крај на невин човечки живот.

ВОЗАЧИТЕ ВОЗАТ БРЗО НА ТЕСНА И КРАТКА УЛИЧКА

Веќе неколку дена едноподруго жителите на скопската населба Железара излегуваат на протести, за да го изразат својот револт од неодамнешниот трагичен настан во кој животот го загуби млада жена, мајка на две малолетни деца, која беше прегазена додека се движела пеш.
Немилиот настан се случи на улицата Коце Металец, која всушност е и единствена во оваа населба, низ која транзитираат возилата од Маџари, Автокоманда, Лисиче, а чија крајна дестинација се Чаир, Бутел, Радишани…
И покрај тоа што на прв поглед кога ќе поминете на оваа улица, ќе помислите дека тука пешаците се безбедни, во практиката воопшто не е така. Поставен е еден осветлен пешачки премин, каде што две улични светилки го осветлуваат преминот наменет за пешаци, на еден дел од улицата е изгребан асфалт, кој треба да ги потсети возачите дека не смеат да возат брзо, а на две локации во близина една до друга се поставени и лежечки полицајци. Сепак, тоа не е доволно, па возачите продолжуваат да дивеат по оваа улица.
За волја на вистината, улицата воопшто не е погодна за брзо возење. Не е пространа како булеварите, веднаш крај неа се тротоарите по кои пешачат повеќе од дваесетина пешаци и деца во исто време, некое дете е со тротинет, некое со велосипед, пензионери исто така се движат по тротоарите, па сето тоа го прави несфатлив фактот како некој воопшто може на оваа локација да вози побрзо од 30-40 километри на час. Дополнително, на улицата има маркети и продавници, од каде што постојано излегуваат возила, па несфатлив е фактот како некој може да вози брзо на овој потег од градот.
Токму поради тие причини, оваа улица им причинува доста големи главоболки на жителите, затоа што целосно е нарушена безбедноста на возрасните и на децата од оваа населба.

ДА МУ СЕ СТАВИ КРАЈ НА СООБРАЌАЈНОТО ДИВЕЕЊЕ ВО ЖЕЛЕЗАРА

Тамошните жители велат дека мора да ѝ се стави крај на ваквата ситуација и да се најде решение за ваквиот проблем. Велат дека возачите буквално дивеат на улицата и воопшто не ја почитуваат препорачаната брзина. Тврдат дека неколку часа пред да се случи кобната несреќа, автомобил удрил во паркираните возила на паркинзите по должината на улицата.
– Бараме итно средување на улицата Коце Металец со поставување легнати полицајци пред секој пешачки премин, светлосна сигнализација, мал кружен тек кон Бутел пред удолницата, редовни полициски контроли со ригорозни казни. Главното барање е почнување со адаптација на постојниот пат покрај фабриката од кружниот тек во Автокоманда и пругата и да се спои со Бутел. Целта е да се пренасочи сообраќајот исток-север – вели Виолета Милошевска Мијакоска, жителка на Железара.
Таа вели дека имаат голем број незгоди и нагласува дека пред неколку години се случила несреќа во која животот го загубило мало дете.
– Пред неколку години едно возило удри во оградата на една од куќите, за малку ќе им влезеше дома – вели таа.
Во официјалниот допис што жителите на оваа населба го испратиле до Општина Гази Баба, Град Скопје и Министерството за внатрешни работи, освен горенаведените барања, тие бараат и поставување сообраќајни знаци, камери за регистрирање брзо возење и поголеми казни.

ЌЕ СЕ ПОСТАВАТ МЕРКИ ЗА СМИРУВАЊЕ НА СООБРАЌАЈОТ

Протестите што се одржуваат секојдневно во периодот од 16.30 до 18 часот имаат цел да се блокира овој дел од градот во познатиот сообраќаен шпиц, за да се привлече вниманието на надлежните и да им излезат во пресрет на жителите околу сообраќајниот проблем, за кој велат дека трае со години.
За нивните барања, градските власти велат дека заедно со јавното претпријатие „Улици и патишта“, во рамките на годишната програма за одржување, проектирање и изведба на светлосна, хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација на подрачјето на градот Скопје, редовно ја одржуваат хоризонталната и вертикалната сообраќајна сигнализација.
– Во наредниве денови, екипите на ЈП „Улици и патишта“ ќе интервенираат со поставување мерки за смирување на сообраќајот, пред сѐ такви за кои не е потребно одобрување од Секторот за внатрешни работи – Скопје. Мерките за кои е потребно вакво одобрување од СВР (какви што се монтажни перничиња, издигнати платоа…), ќе бидат поставени за неколку месеци, штом ќе завршат сите административни постапки – информираат од Градот.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека за регулирањето на сообраќајот на улицата Коце Металец во населбата Железара местата каде што се поставуваат какви било мерки за обезбедување на сообраќајот ги определува со решение Министерството за транспорт и врски, по претходна согласност од Министерството за внатрешни работи, а за локалните патишта и улици со решение ги определува Општината, односно Град Скопје, во согласност со Министерството за внатрешни работи. Оттаму додаваат дека надлежен орган за поставување, отстранување и заменување на сообраќајната сигнализација на локалните патишта и улици се општините и Градот Скопје.
Од МВР нагласуваат дека Одделението за безбедност на патниот сообраќај, Секторот за внатрешни работи – Скопје, на целото подрачје на градот Скопје, како и на улицата Коце Металец, тековно се преземаат засилени мерки и акциски контроли за почитување на Законот за безбедност на патниот сообраќај, како и мерки за сторителите на сообраќајните прекршоци, а таквите мерки ќе продолжат и во иднина заради безбедност на сите учесници во сообраќајот.


„Забави и слободно задоцни кај свекрва ти на ручек“

„На овој дел од патот, сообраќајни несреќи се строго забранети“, „Заштитниот појас добро ти стои“, „Забави и слободно задоцни кај свекрва ти на ручек“, се само мал дел од хумористичните натписи што се поставени во Загреб.
Станува збор за иновативна кампања на локалната самоуправа, за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.
Поставените табли со хумористични натписи го привлекуваат вниманието на возачите, а целта е да се потсетат возачите дека нивната безбедност и безбедноста на другите учесници во сообраќајот се најважни. Натписите претставуваат нов исчекор во начинот на комуникација со возачите, но и со сите што ги читаат.

[email protected]