Екипите на градот Скопје, во соработка со општествено одговорни компании, веќе два дена темелно ги отстрануваат остатоците од дивата населба под Скопското кале. Населбата почна да се расчистува во големата акција на администрацијата за чистење на градот во текот на минатиот месец. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, вчера најави засилени инспекции и казни за сопствениците на приватни имоти, кои ќе дозволат на нив да се создаваат диви населби и депонии.

– На ова место со децении имаше дива населба во која живееја бездомни лица, а која беше претрупана со отпад и беше извор на загадување на воздухот. Во текот на овој месец успеавме да не дозволиме на ова место повторно да се населат бездомни лица ,кои се згрижени во капацитетите на Министерството за труд и социјална политика. Од вчера, заедно со општествено одговорните градежни фирми што соработуваат со градот Скопје, по моја молба, започна целосно и темелно расчистување на оваа локација. Досега, во текот на овие два дена, имаме подигнато над 500 кубни метри смет. Јас очекувам дека во наредните десетина дена ќе завршиме со расчистување на овој терен. Интересно е што ова место што го чистиме е, всушност, приватна сопственост и целиот овој потег на левата страна на Вардар, почнувајќи од хотелот „Александар палас“ па до мостот „Гоце Делчев“, е поранешно државно земјиште што им е продадено на приватни физички и правни лица – рече вчера Шилегов.

Додаде дека ова е последен пат градот да интервенира овде и откако ќе ја доведе состојбата во ред, ќе ги задолжи сопствениците за одржување и ќе биде ригорозен во изрекувањето казни ако не ја одржуваат сопственоста чиста. Сите сопственици се писмено известени, а градоначалникот вчера и јавно ги извести.