На социјалните мрежи граѓани коментираат дека има многу исушени тревници како во Градскиот парк така и во парковите во населбите. Од градот и од општините тврдат дека не е така, дека сѐ се одвива во нормален ред и распоред

Исушени парковски површини или вегетација што е пред исушување на некои од булеварските жардиниери е она што скопјани го забележуваат летово. Деновиве, преку споделување фотографии на социјалните мрежи, остро реагираат и коментираат дека од негрижа на надлежните се исушија парковите и дел од дрвјата на градските дрвореди. Притоа скопјани забележуваат дека жално е тоа што станува збор за повеќегодишни липи, јасени и некои други видови.

Се споделуваат фотографии за исушени тревници во Аеродром, Ново Лисиче и Карпош, од цел Градски парк. Граѓани коментираат дека ако веќе има апели водата за пиење да не се користи за полевање прекуден, туку тоа да се прави ноќе, тие не виделе дека некаде се полева во ноќните часови. Но надлежните не се држат ниту до апелот на јавното претпријатие „Водовод и канализација“, според кој се дозволува полевање поголеми површини во доцните вечерни часови. Тоа не се прави и затоа сите паркови се со сува трева, поточно без зелена трева.

Граѓаните никако не прифаќаат дека причината за ваква состојба е долгиот сушен период. Тие сметаат дека одговорните за одржувањето на јавните површини треба да се грижат за нив, за тревниците, дрвјата, цвеќето.

– Се исушија многу парковски површини низ градов и не може да е изговор дека е лето и жешко. Сосема е исушен паркот спроти старите општински бараки во Бутел, сено е направен. И не се во прашање само парковите, туку зеленилото и цвеќето во жардиниерите, како на пример на улицата Христијан Тодоровски-Карпош, како и цвеќињата во жардиниерата спроти ТЦ „Мавровка“, на булеварот Гоце Делчев. Секој ден се возам со автобусот со бројот „57“ и забележувам дека и дрвјата на автобуската постојка кај паркот „Жена-борец“ имаат жолти и исушени лисја како во длабока есен, како и на булеварот Димитрие Чуповски, а пред некој ден видов и на булеварот Кочо Рацин, кај Црвен крст. Жално, навистина жално да ни гине и она малку зеленило што остана во и онака загадениов град – вели жителка од населбата Радишани.

Градските власти, пак, образложуваат дека јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ се грижи за состојбата со зеленилото што е во надлежност на градот.

– Во согласност со информациите што ги добивме од претпријатието, зеленилото што е во наша надлежност редовно се полева секаде каде што има хидрантска мрежа и е во добра состојба – велат од градот.

Оттаму додадоа дека тоа што некои дрвја ги отфрлаат пожолтените листови не значи дека се исушени туку тоа е одбранбен механизам за да ја зачуваат влагата и за да преживеат во услови на високи температури, а ист е случајот и со тревата.
– Поради препораките на ЈП „Водовод и канализација“, за порестрективно користење на водата во летниот период, дрвјата се полеваат во вечерните часови. Треба да се напомене дека во наша надлежност се поголемите парковски површини и зеленилото покрај булеварите, додека блоковското зеленило е во надлежност на општините и за повеќе информации за состојбата таму треба да се обратите кај нив – ни посочија од градот Скопје.

Ова ни го потврдија од ЈП „Паркови и зеленило“, од каде што, пак, велат дека тревата не е уништена иако е сува и ќе се обнови со поголема влага.

– Имаме добиено препорака од ЈП „Водовод и канализација“ за рестриктивно користење на водата од градскиот водовод за полевање поради проблемите со водоснабдувањето во високите зони, каде што често снемува вода. Од таа причина воведовме и ноќно полевање. Од друга страна, блоковското зеленило не е под наша надлежност, тоа спаѓа под општините и најчесто сувите делови што се гледаат не се под нас – велат од одделението за односи со јавност од ЈП „Паркови и зеленило“.

Суви тревници има и во општината Аеродром, општина што има најмногу бунари за наводнување на зелените површини, што значи дека користи исклучиво техничка вода за полевање на парковите, за што и самите многупати потврдиле. Тогаш се поставува прашање зошто во населбите Аеродром и Ново Лисиче има паркови со исушена трева. На суви парковски површини се жалат и карпошани, а од општината со оправдување дека имаат најмногу зеленило, а малку ресурси за негово одржување.

– Општината Карпош заедно со ЈП „Паркови и зеленило“ има системи за наводнување повеќе јавни површини, платоа и плоштади. Се наводнуваат голем број зелени површини и маалски паркови. Сепак, имајќи предвид дека Карпош е општина со најмногу зеленило, во овие моменти, немаме ресурси за целосно да се наводнуваат сите зелени површини. Во последните акции за зголемување на зеленилото, општината со намера сади веќе развиени садници, дрвја, кои се поотпорни на временските услови.