Потстаниците без струја ќе го оневозможат загревањето на домовите Фото: Дарко Андоновски

Граѓаните имаат законска обврска да ги проверат своите внатрешни инсталации за непречена испорака на топлинска енергија. Оние што летово не го сториле тоа, треба да го сторат деновиве. Неопходно е да ги заменат дотраените вентили, за да спречат поплавување на нивните домови

Само две седмици нѐ делат од официјалниот почеток на грејната сезона, иако таа може да започне и порано. Во согласност со законските прописи, греење може да се пушти секој ден по 30.9.2019 година, доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 Целзиусови степени, според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи. Покрај тоа што дистрибутерите на топлинска енергија во текот на летото задолжително вршат замена на дотраени елементи од системот, во таканаречениот ремонтен период, обврска имаат и станарите да ги проверат своите внатрешни инсталации.

За непречена испорака на топлинска енергија граѓаните треба да знаат дека мора однапред да направат неколку работи во своите домови и станбени објекти. Оние што летово не ги провериле своите инсталации, треба да го сторат тоа деновиве. Неопходно е да ги заменат дотраените вентили, бидејќи би можеле да прснат и да предизвикаат поплавување на нивните домови. Од компаниите што дистрибуираат топлинска енергија препорачуваат тоа да го изведуваат стручни лица, за да нема несакани ефекти. Исто така, доколку што било санираат во нивните инсталации веднаш да го пријават тоа во Центарот за грижа на корисници. Редовното одржување на инсталациите е од суштинско значење за квалитетот на испораката на топлина во домовите на граѓаните, а тоа е нивна законска обврска. Токму затоа компаниите што дистрибуираат топлинска енергија препорачуваат еднаш годишно во периодот од 15 мај до 15 септември да се изврши проверка на внатрешната инсталација, а тоа да им се препушти на стручни лица.

– Потрошувачите, заедниците на сопственици и управителите да проверат дали грејните инсталации во објектите се подготвени за грејната сезона. За да се одвива непречено испораката на топлинска енергија од системот за централно греење, потребно е потрошувачите да ги завршат интервенциите на внатрешната инсталација пред почетокот на грејната сезона и да го пријават тоа во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100. Апелираме до сите управители, односно заедници на сопственици да овозможат непречен пристап на службените лица до топлинската потстаница на објектот и да си ги намират сметките за електрична енергија за топлинската потстаница. За информации или пријави за одредени интервенции, потрошувачите може да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100. Исто така, граѓаните можат да праќаат и СМС на телефонските броеви 078 207 056 и 070 369-337 – информираат од снабдување со топлина „Балкан енерџи“.

Хаварии и материјални штети во домовите на граѓаните, па и на нивните соседи можат да се случат и во ситуации кога интервенции на внатрешните инсталации вршат нестручни лица. За замена на вентили или други ситни внатрешни делови од инсталациите во зависност од делот, производителот и материјалот, граѓаните треба да издвојат од 280 до 1.500 денари, во одделни ситуации можеби и повеќе. Во цената, секако, дополнително треба да ја вкалкулираат и работната рака на ангажираното стручно лице.

Станарите, пак, кои живеат во објекти во кои им е исклучена електричната енергија, поради неплатени сметки за струја во влезовите, мора да ги платат заостанатите фактури за да може нивната потстаница да профункционира и со тоа да се овозможи нормална дистрибуција на топлинска енергија. Честопати оставениот мебел, бела техника и други делови од домаќинствата го оневозможуваат пристапот до потстаницата на дистрибутерите на топлинска енергија, што исто така може да биде причина, поради која не ќе може да се испорача топлина во становите на еден ваков објект.

„Балкан енерџи груп“ преку соопштение веќе ги информираа своите корисници и од нив побараа навреме да реагираат и да ги подготват своите домови за непречено загревање. Од компанијата додаваат дека вообичаено, втората половина на септември е време кога се вршат завршните подготовки на системот, ставање во погон на циркулационите пумпи и проверка на топлинските станици, за да се овозможи непречена испорака на топлинска енергија до сите потрошувачи на почетокот на претстојната грејна сезона.