Пластичарската улица првпат ќе има атмосферска канализација Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во моментов се работи на проширување на коловозот на потегот од клучката Детелинка на Бит-пазар до улицата кај влезот на касарната „Илинден“, во вкупна должина од 1.440 метри. Градежните зафати треба да продолжат од влезот на касарната „Илинден“ до спојувањето со булеварот Словенија, вклучувајќи ја и изградбата на големата клучка, која се планира да се гради кај месноста Тетовска Трошарина. И покрај изградбата, сообраќајот се одвива нормално

Веќе трет месец интензивно се одвиваат градежните зафати за целосна реконструкција на булеварот Никола Карев или популарно познатата пластичарска улица. Оваа сообраќајница ќе добие ново булеварско решение со уште една коловозна лента, односно по две ленти во двата правца. Пластичарската улица првпат ќе има атмосферска канализација, што досега ја немаше, а во еден дел и нова водоводна мрежа, нова електрична инсталација, осветлување, пешачки и велосипедски патеки, како и булеварско зеленило. Во моментов се работи на проширување на коловозот на потегот од клучката Детелинка на Бит-пазар до улицата кај влезот на касарната „Илинден“, во вкупна должина од 1.440 метри.

Градежните зафати треба да продолжат од влезот на касарната „Илинден“ до спојувањето со булеварот Словенија, вклучувајќи ја и изградбата на големата клучка, која се планира да се гради кај месноста Тетовска Трошарина. Со овие зафати, таканаречената пластичарска улица, која беше тесно сообраќајно грло во тој дел од Скопје, ќе стане булевар со ново и модерно решение, со што не само што ќе има поголема сообраќајна безбедност, туку ќе ѝ даде и ново лице на околината.
На терен активно се вклучени градежните работници и градежните машини за реализација на првата фаза, во која се планирани повеќе зафати пред конечното проширувањето на булеварот, кое најверојатно ќе почне во мај. Како што информираат градските власти, градежните зафати засега се одвиваат според планираното и веќе се работи на асфалтирањето на северната страна на улицата до поврзувањето со семафорската крстосница со улицата Македонско-косовска бригада во населбата Топанско Поле. Одвивањето на градежните зафати во моментов не претставува никаква пречка за одвивањето на сообраќајот, а на терен постојано е присутна и сообраќајната полиција, која воспоставува ред.

– На потегот од клучката Детелинка до улицата кај влезот на касарната „Илинден“ ќе се добијат четири сообраќајни летни, пешачки и велосипедски патеки, а на делови и разделно зеленило. Булеварот ќе добие ново осветлување со канделабри во висина од девет метри, како и дислокација на електрични и телекомуникациски инсталации. Со овој проект е предвидено и поставување на нова атмосферска канализација со променлив профил од фи 500, потоа фи 800 и фи 1.000 милиметри, а во вкупна должина од 2.162 метри. Оваа сообраќајница ќе добие и водоводна мрежа на двата крака со профил од фи 100, во вкупна должина од 2.552 метри. Градежните работи започнаа во декември 2019 година и истите тие се одвиваат во согласност со предвидената динамика. Од вторникот, поради изградбата на атмосферската, водоводната и фекалната канализација е воведен привремен сообраќаен режим – објаснуваат од градот Скопје.

Оттаму информираат дека веќе е започнато и асфалтирањето на северната тротоарска површина на потегот од клучката кај Бит-пазар до првата семафоризирана крстосница со улицата Македонско-косовска бригада. Потоа ќе продолжи асфалтирањето на површините по должината на улицата на делот од проширувањето, како и гребење на постојната сообраќајница во широчина од четири метри. Таканаречената пластичарска улица ќе стане булевар со ново и модерно решение.

Улицата ќе стане булевар со четири коловозни ленти