Од скопската општина Аеродром известуваат дека во изминатиот период воспоставиле комуникација со граѓански активисти што се заинтересирани за волонтерска работа и вклучување во координирани акции заедно со надлежните институции за собирање на бездомните кучиња. Овој начин на работа гарантира хуман третман на животните, а во исто време и ја олеснува работата за лоцирање на бездомните кучиња за кои се потребни стерилизација и кастрација.

Дополнително, планирано е волонтерите преку социјалните мрежи да помогнат во процесот на удомување на згрижените животни, со што ќе им биде обезбеден пристап до кучињата за кои се одговорни. На оваа тема разговараа градоначалникот на општината Аеродром, Златко Марин, и директорот на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ Скопје, Абдусамед Шабани. Водечките луѓе на општината и на јавното претпријатие дискутирале за воспоставување блиска соработка меѓу овие две институции во насока на градење ефикасен механизам за справување со бездомните кучиња. Од Аеродром информираат дека за формализирање на оваа соработка се подготвува и меморандум, со кој ќе се прецизираат одговорностите на сите засегнати страни.