Фото: Маја Јаневска Илиева

Амбасадорот на Италија во Македонија Карло Ромео и градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин, на денешната средба на која присуствуваа секретарот на општината Пламенка Бојчева и директорите на основните училишта „Блаже Конески“, „Браќа Миладиновци“ и „Александар Македонски“ во срдечна атмосфера дискутираа за можната соработка во областа на образованието.

Амбасадорот Ромео, како што известуваат од Општина Аеродром, ја истакна клучната пресвртна точка на италијанскиот јазик во Македонија, бидејќи како што наведе од оваа година, со одлука на македонската Влада влезе со закон во наставните програми во Македонија како втор странски јазик по избор, со што е овозможено изучување на италијанскиот јазик во основните училишта. Тој ја нагласи вредноста на италијанскиот јазик како средство на цивилизацијата и затоа Амбасадата придава највисок приоритет на промоцијата на италијанскиот јазик и култура во соработка со локалните власти.

-Не би сакал ова да се сфати како натпревар со другите јазици, туку како понуда на учениците да имаат можност за изучување на уште еден странски јазик, рече амбасадорот.

Во таа насока градоначалникот Марин најави дека Општина Аеродром во претстојниот период ќе спроведе анкета во основните училишта за да се види дали има интерес меѓу учениците за изучување на италијанскиот како втор странски јазик и изрази надеж дека веќе од наредната учебна година ќе заживее иницијативата за изучување на овој јазик во Општина Аеродром.

-Доколку почне да се изучува италијанскиот јазик, учениците и Општина Аеродром уште повеќе ќе се доближат до италијанскиот народ и култура, рече градоначалникот.

Средбата беше искористена и за отворање можност за соработка на Аеродром со некоја општина во Италија.