Граѓаните во докажувањето како во поговорката за кадијата, но овој пат во стилот „пајак те собира, пајак те казнува“ - Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сѐ почести се дојавите од граѓани во кои тие се жалат дека и покрај тоа што ги почитувале прописите за паркинг, биле казнети. „Нова Македонија“ истражуваше колку често и во колкав обем граѓаните се недолжни жртви на вакви инциденти и во каква постапка тие би можеле да бидат брзо и ефикасно обесштетени

Речиси редовно во медиумите се пласираат информации колку граѓани биле санкционирани затоа што непрописно го паркирале својот автомобил. Последна беше информацијата на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, од каде што известија дека во соработка со сообраќајната полиција во Скопје за седум дена санкционирале дури 287 граѓани за непрописно паркирани возила, кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот. Непрописно паркираните автомобили се отстрануваат со пајак, додека, пак, на оние што биле затекнати во резидентни зони, а не биле корисници на секторот на кој биле паркирани им се поставува механичко средство блокатор. По таа постапка граѓаните мора да си ги платат казните за да можат да си ги вратат возилата.

Факт е дека и покрај постојаните акции на претпријатијата одговорни за паркиралиштата и паркирањето, граѓаните повторно непрописно ги паркираат своите автомобили и ги попречуваат нормалното одвивање на сообраќајот, движењето на пешаците, ги попречуваат велосипедистите кога паркираат на тротоарите и велосипедските патеки. Но сѐ почести се дојавите од граѓани во кои тие се жалат дека и покрај тоа што ги почитувале прописите за паркинг, биле казнети. „Нова Македонија“ истражуваше колку често и во колкав обем граѓаните се жртви на вакви инциденти и во каква постапка тие би можеле да бидат брзо и ефикасно обесштетени.
Од ЈП ПОЦ тврдат дека досега не се случило некој по грешка да биде санкциониран и доколку се случи тоа, граѓанинот треба да поднесе приговор до МВР. И од „Градски паркинг“ ја објаснуваат долгата постапка на докажување. А во неа граѓанинот како да е во ситуација како во онаа народната „кадија те тужи, кадија те суди“. Некои граѓани веќе имале вакво искуство и велат дека не можеле да докажат дека биле во право. Пред претпријатијата за паркинзи може небото да се преврти, но никако не може да се случи дека возачот бил во право.

– Граѓаните најчесто сметаат дека ако испратат СМС, нивниот престој е уредно регулиран без разлика дали е прописно или непрописно паркирано нивното возило. Секојдневно наидуваме на вакви случаи на непрописно паркирани возила бидејќи, за жал, сообраќајната свест на учесниците во сообраќајот сѐ уште е на многу ниско ниво. ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ континуирано спроведува едукативни кампањи и проекти, кои повикуваат на совесно и правилно паркирање. Отстранувањето или преместувањето на непрописно паркираните возила ги врши пајак-службата, по издаден налог од овластено службено лице при Министерството за внатрешни работи – Сообраќајна полиција за јавни сообраќајни површини. Исклучок може да се изврши по барање од корисник на паркиралиштето, доколку барателот за преместување или отстранување на возилото е корисник на резидентниот паркинг-простор под надлежност на претпријатието и возилото, кое треба да биде отстрането или преместено, не е евидентирано под режимот на возила на резидентниот паркинг, односно нема валидна паркинг-карта – објаснуваат од ПОЦ.

И од „Градски паркинг“ објаснуваат дека работењето на пајакот е организирано од овластени лица – сообраќајна полиција и/или комунален инспектор.
– За да се отстрани непрописно паркирано возило од јавна површина, потребно е овластените лица да дадат уредно потпишан налог за подигање на паркираното возило. Тоа возило се фотографира, а фотографиите се ставаат во прилог на налогот. Во таков случај, Секторот пајак на ЈП „Градски паркинг“ Скопје е само техничка поддршка на полицијата и вработените во Секторот пајак имаат обврска да го дислоцираат возилото и да го транспортираат до депото на пајакот. Со уредно потпишан налог од овластено лице, „Градски паркинг“ не навлегува во основата за подигање на возилото. Доколку странката чие возило е подигнато одлучи да поднесе жалба и да бара рефундирање на средствата, потребно е да достави жалба до стручните служби на претпријатието, по што следува разгледување на жалбата, односно разгледување на начинот на кој е подигнато возилото. Потоа се доставува одговор до лицето и доколку одговорот не е во негова корист, тогаш лицето има право да го достави предметот до МВР, со што понатамошното постапување е во нивна надлежност – акцентираат од ЈП „Градски паркинг“.


Сведоштва за пајаковиот лавиринт

Двајца скопјани се пожалија дека биле непрописно казнети и сметаат дека биле прописно паркирани и иако се пожалиле не добиле шанса за обесштетување.
– Неодамна го паркирав возилото на улицата Јуриј Гагарин од десната страна на коловозот, гледано кон центарот на градот, како што секојдневно се паркирани и десетици други возила. Во текот на денот, пајак-службата ми го подигнала возилото и ми го однела на нивниот паркинг. Нивните службеници таму ми рекоа дека треба да платам сума од 2.500 денари. Побарав да ми објаснат зошто ми е подигнато возилото и тогаш пајак-службата и полицијата почнаа да си ја префрлаат топката. Едните ми рекоа оти тие немале објаснување зашто не подигале возила без барање на полицијата, а другите ме „тешеа“ дека не ме казнувале тие туку дека пајак-службата наплаќала за повикот на нивното возило.

Повторно побарав да ми објаснат зошто точно ми е подигнато возилото, кога од истата страна на таа улица секојдневно се паркираат десетици други возила, а не се подигаат (тоа го знам зашто работам во реонот), од полициската служба само кратко ми одговорија дека возилото било непрописно паркирано на коловоз, при што не ми покажаа фотографии. Кога прашав како може да ја обжалам одлуката, ми рекоа да си најмам адвокат. Инаку, близу местото каде што ми беше подигнат автомобилот има салон за мебел и пред него, некои денови има паркирано возила на тротоар, а некои на коловоз. Од салонот ми се пожалија дека и тие не знаат каде да паркираат зашто понекогаш од пајак-службите им велат да се паркираат на коловоз, а некогаш на самиот тротоар – вели еден жител на Скопје.

И млада скопјанка се пожали дека е невозможно да се истера правдата со јавните претпријатија за паркинг, доколку пајак ви го „зароби“ возилото.
– Двете претпријатија ЈП „Градски паркинг“ и ЈП ПОЦ го применуваат принципот – прво плати ја казната, па докажувај ја правдата. Иако имам мобилна картичка за слободен паркинг од ПОЦ, пред извесно време пајак-службата на ова претпријатие ми го подигна возилото, зашто констатирале дека не бил платен паркингот, иако картичката беше видливо истакната, а паркирав можеби половина час пред истекот на времето, определено за плаќање паркинг. За да го подигнам возилото (откако констатирав дека го нема на местото каде што го паркирав), веднаш ја платив предвидената казна, но утредента веднаш поднесов приговор во Јавното претпријатие (со фотодокази), кој долго се разгледуваше, за на крајот да одговорат дека постапиле во согласност со нивните надлежности. Иронијата да биде поголема, во таа жалбена постапка открив дека претходно ми пишувале и дневни паркинг-казни (иако имам нивна мобилна паркинг-картичка), а за тоа немав никакво известување од нивна страна – се пожали оваа млада скопјанка.


Што велат од МВР

Од Министерството за внатрешни работи не ни одговорија дали имало случаи некој граѓанин да бил обесштетен. Но велат дека сите санкционирани од страна на Одделението за безбедност на патиштата и сообраќајот по однос на сторен сообраќаен прекршок, доколку мислат дека се непрописно или незаконски санкционирани имаат право на поднесување приговор до Одделението за БПС и до МВР – Оддел за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди.

– Приговорот ќе биде разгледан и доколку се утврди неправилно, незаконско санкционирање од страна на полицискиот службеник, странката има право на обесштетување во делот на изречената мерка од полицискиот службеник. За обесштетување во делот каде што возилото е подигнато од страна на претпријатијата „Градски паркинг“ и ПОЦ, доколку приговорот од странката е основан, со одговорот од наша страна има право на приговор до горенаведените претпријатија каде што може да бара обесштетување – велат од МВР.