Сите што сакаат со автомобил брзо да го разгледаат Скопје или да појдат во другите градови во земјава, особено туристите или нашите блиски што летово се враќаат во родниот крај, можат да изнајмат автомобил доколку сакаат да бидат помобилни. Колку пари би ги чинело, какви автомобили можат да изнајмат, на колкав временски период и од каде,се најчестите прашања што си ги поставуваат кога ќе пристигнат.
– Остануваме одреден период и имаме познаници во Скопје. Сакаме да имаме слобода во движењето. За нас изнајмувањето автомобил е најдобро решение, па често бараме информации од роднини каде и како би можеле да изнајмиме – вели Илинка Петревска.

Низ Скопје има повеќе вакви компании и цените за нивните услуги се различни, како и поволностите и типот на автомобилите што ги нудат. Цените за изнајмување автомобил варираат од компанија до компанија и се движат од 15 до 500 евра на ден, доколку некој изнајми џип. Дали некој ќе плати помалку или повеќе за изнајменото возило зависи од класата на автомобилот, а во одредени компании и од периодот во кој се изнајмува, дали клиентот бара услуга во зимските или во летните месеци. Доколку се изнајмува во јануари, цената е пониска отколку во јули. Секоја класа автомобил исто така си има различна цена и, нормално, поголемите и полуксузните автомобили вообичаено се изнајмуваат за многу повисока сума. На пример, доколку некој сака да изнајми „фолксваген ап“ ќе го чини 36 евра на ден, а ако се одлучи за „ауди А6“, ќе го чини 188 евра од ден. Рентакар-компаниите кај нас нудат голем број различни марки возила, па, така, секој може да си избере што сака да вози на одредено време. Сопствениците на компаниите за изнајмување автомобили велат дека располагаат со автомобили за секакви пригоди и настани, а имаат и минибуси и комбиња доколку им се потребни за превоз на повеќе лица или една туристичка група. Рентакар-компаниите нудат различни опции. Во однос на временскиот период, нудат можност изнајмувањето да биде од час, дневно или краткорочно.

– Процедурата за изнајмување автомобил е едноставна. Потребни се информации за лични податоци на корисникот, поточно потребно е да поседува возачка дозвола, лична карта или пасош. Најчесто клиентите изнајмуваат автомобил за период од седум дена. Нашите услуги најмногу ги бараат во летниот период – велат во една од компаниите за изнајмување ав­то­мобили.
Автомобилите од рентакар-компаниите се осигурени со каско-осигурување и, според тоа, најчесто евентуално настанатата штета ја исплаќа оној што е виновен. Вака постапуваат повеќето компании, но има и такви што за изнајмување возило бараат и депозит од 500 евра. Ако клиентот е виновен за евентуалната сообраќајна незгода, штетата до 500 евра ја плаќа тој, но доколку е поголема од 500 евра, ја надоместува осигурителната компанија.
Во некои рентакар-компании во своите услуги вклучуваат и изнајмување возила со возач што ќе им овозможи на клиентите да стигнат до одредена дестинација, навремено и со стил. Овие услуги вообичаено вклучуваат однапред одредени дестинации, како на пример панорамска тура на Скопје, Скопје – Охрид, Скопје – Грција.Одењето на панорамска тура чини 35 евра со автомобил, а 50 евра со комбе. Доколку корисниците на услугата сакаат да одат од Скопје до Грција со автомобил или комбе, треба да издвојат 500 евра.