Екипите на Градскиот инспекторат со поддршка на екопатролата на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ викендов спроведоа акции на повеќе локации на територијата на општините Чаир и Карпош за контрола на јавните површини, а во врска со непрописното фрлање кабаст отпад.
– За време на овие контроли тие затекнаа граѓани што непрописно фрлаат кабаст отпад, при што се изречени 47 опомени и девет казни. Контролите беа спроведени на повеќе локации, кои претходно беа посочени како места каде што често непрописно се фрла кабастиот отпад, а за поуспешно реализирање на акцијата во надзорот беше вклучен и дрон. Град Скопје апелира до граѓаните да ги чуваат животната средина и јавните површини од загадување, а отпадот од домаќинствата да го фрлаат исклучиво во контејнерите наменети за комунален смет – информираат градските власти.
 
За потсетување, ЈП „Комунална хигиена“ воведе новитети кај услугата за собирање и транспорт на кабастиот отпад од домовите на граѓаните. Жителите на Скопје што имаат потреба да се ослободат од својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди, можат на бесплатниот телефонски број 0800 222 33 да ја нарачаат услугата за подигнување и транспорт на отпадот со специјалните возила на ЈП „Комунална хигиена“. 
 
– Со воведените измени на услугата, граѓаните ќе имаат можност да ја одберат опцијата нивниот кабаст отпад да биде преземен директно од внатрешноста на домот, без разлика дали станува збор за индивидуални или за колективни домаќинства – велат од Градот.
Услугата за собирање кабаст отпад од домовите на граѓаните се наплатува во согласност со ценовникот на ЈП „Комунална хигиена“.