Фото: Игор Бансколиев

Секој возач, по враќањето на возилото во гаража, го проверува возилото дали има нешто заборавено/изгубено и најденото го доставува до службата. И чесен патник, доколку најде нешто, може да го пријави/достави до службата. Доколку кај изгубените предмети има број/начин за контакт, службата комуницира со лицето сопственик на предметот и му го враќа. Комуникацијата со „Изгубено-најдено“ е достапна од понеделник до петок, од 7.30 до 15.30 часот, информираат од ЈСП-Скопје

СЛУЖБА „ИЗГУБЕНО-НАЈДЕНО“ ЗА ПАТНИЦИТЕ ШТО ГУБАТ ПРЕДМЕТИ

Препораката да се внимава на личните работи, особено при користење јавен превоз, граѓаните не секогаш ја почитуваат, бидејќи во автобусите постојано може да се видат заборавени или изгубени предмети. Проблемот не е во тоа што тие ги заборавиле или изгубиле, бидејќи доколку се во автобусите на јавното сообраќајно претпријатие, предметите ќе им бидат вратени, но проблемот е во тоа што честопати кога се губат повредни предмети, некој од патниците ги забележува, ги зема и не му ги пријавува на возачот, туку ги присвојува.
Навиката да се помогне во такви случаи е честа, но не постојана, бидејќи има и голем број граѓани што не сакаат да се оптоваруваат со дополнителни обврски, или, пак, сакаат противзаконски да ги присвојат предметите, особено доколку станува збор за мобилни телефони, пари или накит од злато или сребро.

ШТО СЀ МОЖЕ ДА СЕ НАЈДЕ ВО АВТОБУСИТЕ?

За среќа, најчесто изгубени предмети во автобусите на ЈСП се само картичките „скопска“, наменети за плаќање билети во јавниот градски превоз. Покрај нив, според податоците на претпријатието, патниците најчесто губат здравствени книшки, лични карти, клучеви, ранци, торби од пазар, а поретко мобилни телефони.
– Генерално, половина од изгубените/заборавени предмети се најдени, односно вратени на сопствениците – информираат од ЈСП.
Патниците, пак, што се соочиле со губење некаков предмет или личен документ велат дека успешно го пронашле во централата на претпријатието, односно во службата „Изгубено-најдено“, која функционира при претпријатието.
– Изгубив чанта, за која навистина не знаев каде сум ја изгубила, бидејќи дента навистина имав премногу работа и бев во голема метеж. Сепак се јавив во ЈСП, оттаму ме упатија во службата каде што ги чуваат сите изгубени предмети и успешно си ја најдов чантата. Моето искуство е позитивно, меѓутоа не е тоа случај кај сите. Сестра ми изгуби мобилен телефон, кој, за жал, никогаш не го најде. Бевме и во претпријатието, но таму не можеа да ни помогнат, бидејќи возачот не пронашол телефон во возилото. Очигледно некој од патниците си го зел и не го пријавил како пронајден – вели Соња Марковска.
Позитивно искуство има и скопјанецот Александар Трајковски, кој вели дека во автобус изгубил паричник со сите можни документи, но и со поголема сума пари.
– Сѐ уште не сум свесен како успеав да го загубам паричникот, но, за среќа, по неколку часа го нашол совесен пронаоѓач, успеа да ме пронајде по личните документи и ми го врати паричникот. Не можам доволно да му се заблагодарам за гестот. Иако не го пријавил во службите на ЈСП, сепак беше многу чесно од негова страна, бидејќи да беше друг, верувам немаше да постапи така – вели тој.

СЛУЖБА НА ПРЕТПРИЈАТИЕТО ГИ НАОЃА СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ЗАГУБЕНИТЕ ПРЕДМЕТИ

Од јавното сообраќајно претпријатие велат дека лицето што изгубило или заборавило предмет во автобус треба случајот да го пријави на телефонскиот број 02-3122-634, во службата „Изгубено-најдено“, и да остави податоци (име/презиме, ден, време, линија на изгубеното), број за контакт и да наведе што изгубил.
– Секој возач, по враќањето на возилото во гаража, го проверува возилото дали има нешто заборавено/изгубено и најденото го доставува до службата. И чесен патник, доколку најде нешто, може да го пријави/достави до службата. Доколку кај изгубените предмети има број/начин за контакт, службата комуницира со лицето сопственик на предметот и му го враќа.
Комуникацијата со „Изгубено-најдено“ е достапна од понеделник до петок, од 7.30 до 15.30 часот – информираат од ЈСП.
Оттаму додаваат дека во случај на изгубен/заборавен предмет во возило на приватните превозници (приватен автобус), случајот може да се пријави во диспечерскиот центар на приватните превозници, на 02-2602-015.

[email protected]