Извидниците од Прв скопски извиднички одред и ИПО Галеб ја одбележаа независноста на Македонија со еколошка акција во пределот кај Кањон Матка. Повеќе од 50 извидници распределени во две групи, се организираа да ја исчистат најатрактивната дестинација во Скопје.

– Преубавата Матка како и реката Треска ги затекнавме удавени во секаков отпад – од пелени, до стаклени шишиња, чипсови, лименки, кутии од цигари во изобилство и друг пластичен отпад. Извидниците кои се деца од само шест години па нагоре, беа ужаснати од глетката и на почеток им изгледаше невозможна мисија цел тој отпад да се собере.

Преполни со лутина и неразбирање како може некој човек свесно и без никаква почит спрема природата туку така само да фрла ѓубре каде и да стигне извидниците започнаа со остварување на својата мисија и за само еден час собраа повеќе од 20 вреќи од по 110л. отпад од Кањон Матка и дополнителни 6 од самта река Треска – велат извидниците.

Еко-денот заврши на кампот Саламандер (с. Шишево) кај домаќинот Игор Христов, кој со својот миленик кучето Бастер и двајца волонтери од Австралија, приредија незаборавно жонглерско шоу за извидниците.

Тие апелираат до сите граѓани, но и надлежни служби, да бидат повнимателни и да престанат да го загадуваат градот.

– Ние ќе продолжиме со нашите акции за чиста и зелена околина, а вас ве замолуваме кога излегувате од својот автомобил отпадокот од тип на мастики, цигари и чоколатца да не ги фрлате на земја – велат извидниците.

А.П