Живеалиштата за слоновите се речиси готови

По долго време Зоолошката градина ќе добие дури две слоници. Животните ќе пристигнат помеѓу 13 и 16 август и ќе бидат транспортирани од Белгија во Скопје. Во септември ќе пристигнат и четири шимпанза, меѓу кои и Коко, кој е рехабилитиран и ресоцијализиран. Тој ќе дојде со другите три шимпанза од резерват од Холандија. Од Зоолошката велат дека е планирано да пристигнат и други нови животни, како фламинга, зебри и камили. Слоновите во скопската зоолошка ќе се хранат со висококвалитетна храна, богата со минерално-витамински пелети, овошје, зеленчук и растенија.

– Живеалиштата што се предвидени за слоновите се речиси при крај, останува да се доправи само надворешниот дел, каде што ќе има базени за слониците, но и интересна флора, односно хортикултурно уредување. Живеалиштето за двете слоници ќе биде во индиски стил – вели Тина Мицковска, портпаролка во Зоолошката градина.
Двата слона што ќе пристигнат се од различни видови, африкански и азиски. Африканскиот слон се нарекува и шумски слон. Шумските слонови имаат големи уши, кои се целосно тркалезни и по тоа се карактеристични. Мажјаците достигнуваат околу 2,5 метри во височина и тежат околу 900 килограми. Женките во однос на машките се помали по раст. Овие слонови имаат темносива боја. И машките и женските имаат долги, тесни и прави сурли, а бојата на слоновата коска им е виолетова.

Азиските слонови ги нарекуваат и индиски. Тие се пократки и потенки од нивните африкански роднини, со уши што не ги достигнуваат рамената. Азискиот мажјак е висок од 2 до 3,5 метри и тежи од 2.000 до 5.000 килограми. Женките достигнуваат просечна височина од 2,4 метри и просечна тежина од 3.000 килограми. Азиските слонови имаат темносива кожа, топчесто чело и тркалезен грб. Големината на ушите се движи од 0,75 метри должина и 0,6 метри широчина.