Фото: Игор Бансколиев

Главниот град на Бугарија воведе зелен билет со кој граѓаните, за речиси половина евро, имаат можност да патуваат цел ден, колку пати сакаат и да се служат со сите превозни средства од јавниот транспорт како метро, автобус, тролејбус и трамвај. Во деновите на енормна загаденост во Скопје, јавниот превоз е целосно бесплатен. Партијата на зелените, ДОМ, има свои предлози

Веруваме дека патувањето претставува одлична можност за човекот. Но ние исто така веруваме дека начинот на кој патуваме има директно влијание врз климата и дека треба да преземеме одговорност. Ако не направиме значителни промени во начинот на кој патуваме, невозможно е да се постигнат целите од Парискиот договорот за климатски промени. Не мора да патуваме помалку, треба да патуваме поинаку, се наведува на страницата на европската организација „Грин тикетс“.

Концептот на зелен билет претставува промовирање опции за патен транспорт, кои овозможуваат помала стапка на загадување за да се зачува животната средина. Некои држави и градови воведуваат зелен билет само кога постои енормно загадување во воздухот. Тој претставува вид мерка што би ги пренасочила граѓаните да користат превозни средства, како јавен транспорт за да се намали нивото на загадувањето.
Користењето превозни средства има големо влијание врз климатските промени и квалитетот на воздухот. Затоа дел од развиените градови во светот воведуваат таканаречени зелени билети. Од неодамна Софија, главниот град на Бугарија, воведе зелен билет со кој граѓаните за половина евро имаат можност да патуваат цел ден, колку пати сакаат и да се служат со сите превозни средства од јавниот транспорт како метро, автобус, тролејбус и трамвај. Оваа мерка се воведе откако две мерни станици покажаа дека загадувањето е над просекот на дозволеното во градот, односно во деновите кога просечните концентрации на ПМ-честички се над 200 микрограми на кубен метар.

Се поставува прашање каде е градот Скопје во однос на оваа идеја и дали кај нас се размислува воведување на зелениот билет? Партијата на зелените, ДОМ, уште од 2014 година предлагаше воведување зелен билет во Скопје по цена од 60 денари, кој ќе може да се користи за сите градски и приградски дестинации. Тие сметаа дека со воведувањето на зелениот билет може да се мотивираат граѓаните наместо да користат автомобили, повеќе да се свртат кон користење на јавниот превоз и на тој начин да се придонесе кон намалување на загадувањето.

– Имајќи предвид дека загадувањето на воздухот е најголемо во зимскиот период, сметаме дека е потребно да се воведе зелен билет во периодот од ноември до февруари. Со зелениот билет граѓаните би можеле колку пати сакаат во текот на 24 часа да ги користат услугите на јавниот превоз на сите градски и приградски линии. Во деновите со енормно загадување и надминување на прагот за информирање и алармирање за загадувањето на воздухот со ПМ10 честички, ДОМ предлага бесплатен јавен превоз. Од особена важност е и подобрувањето на јавниот превоз, со набавка на еколошки автобуси, зголемена фреквенција на автобусите и воведување нови линии – вели Маја Морачанин од ДОМ.

Во Скопје, во период на енормно загадување, наместо зелен билет се активира мерката бесплатен јавен превоз. Но за да се примени оваа мерка, потребно е Министерството за животна средина и просторно планирање да прогласи вонредна состојба од загадувањето на воздухот. Од 14 декември беше изменета Уредбата за гранични вредности на воздушно загадување, прагот на алармирање на ПМ10 се намалува од 188 микрограми на кубен метар и сега изнесува 175 микрограми на кубен метар среднодневна концентрација во текот на два последователни дена.
Од градот Скопје велат дека еквивалент на софискиот зелен билет е мерката за бесплатен јавен превоз во Скопје при состојба на енормно загадување.
– Веќе неколку години Софија, во денови на енормна загаденост, воведува таканаречен зелен билет, како серија мерки за борба против загаденоста. Во денови на енормна загаденост во Скопје јавниот превоз е целосно бесплатен – објаснуваат од градот.