Индивидуалните домаќинства за домување, заедници на сопственици и приватни установи што имаат инсталиран систем за греење на обновливи извори на енергија (ОИЕ), може да добијат зелени сертификати.
Општина Карпош ги повика да аплицираат на повикот за да добијат ваков сертификат.
– На сопствениците на ваквите системи ќе им биде доделен зелен сертификат, кој претставува признание за нивниот конкретен придонес во заштитата на животната средина и намалување на аерозагадувањето во Карпош. Исто така, општинските служби при Одделението за енергетска ефикасност прават дополнителни напори, за сите пријавени субјекти (индивидуални домаќинства – куќи и колективни објекти за домување – згради) да бидат обезбедени и штедливи ЛЕД-светилки (за нивниот дом или влез), како награда за покажаниот висок степен на одговорност – информираат од Општината.
Оттаму додаваат дека сите оние што имаат инсталиран котел на пелети, инвертер, топлинска пумпа, сончеви топлински колектори, фотоволтаици или комбинација од наведените системи имаат можност да се приклучат кон оваа иницијатива.
Кон оваа кампања се приклучува и Општина Аеродром, која на граѓаните ќе им дава зелен сертификат во облик на лепенка како признание за користење одржливи технологии за греење и ладење од обновливи извори на енергии.
Кампањата „Обележување на 100 отсто одржлив систем за греење“ има цел да ги мапира објектите што веќе имаат инсталиран систем за греење на обновливи извори на енергија. Овие активности се спроведувааaт во рамките на проектот „Риплејс“, финансиран од Програмата за истражување и иновации на Европската Унија, „Хоризон 2020“.
Проектот е насочен кон сите што се вклучени во секторот греење и ладење: крајни потрошувачи, посредници, енергетски контролори, како и инвеститори и сопственици на згради, со цел да се мотивираат да ги заменат старите и неефикасни системи за греење и ладење со еколошки алтернативи.