Централното градско подрачје од 2002 до 2017 година загубило 75 отсто од зелените површини

Со реализацијата на деталните урбанистички планови низ годините се покажува дека градот губи голем дел од своите зелени површини. Одземањето и пренаменувањето на земјиштето на парковите за подигање бетонски зданија е причината поради која се формирани некои граѓански организации што се борат против таквата појава. Тие особено беа (паркобранителите) активни во времето на Коце Трајановски, но сега ги нема во толкав број ниту, пак, покажуваат голема ангажираност. За изгубените зелени површини се организираа и сѐ уште се организираат граѓански протести, бидејќи тие ги засегаат граѓаните и од аспект на почист воздух.

Таква беше и неодамнешната реакција на жители од Кисела Вода, кои не го даваат расадникот за реализација на урбанистичкиот план што предвидува изградба на нови 100 згради. И во општината Аеродром, за парковските површини на кои се издигаат згради, жителите со жив ѕид ги бранеа и не дозволуваа багерите да заријат во парковите за да копаат темели. И покрај сите нивни заложби и гласни јавни искажувања дека скопјани сакаат повеќе зеленило, дрвја и паркови, неоспорно е дека деталните урбанистички планови се реализираат и со нив се одземаат сѐ повеќе зелени површини. Од невладините организации велат дека голем дел зелени површини неповратно се загубени во текот на годините во сите општини низ градот. Тоа го потврдуваат со официјални податоци, кои покажуваат дека во централното градско подрачје за пет години е загубено 75 отсто од зеленилото.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, неодамна јавно кажа дека неговите заложби како градоначалник се однесуваат за рационално, контролирано и флексибилно ширење на градот Скопје во насока на обезбедување одржлив развој. Изрази уверување дека Скопје ќе се развива и шири на начин што ќе се релаксира притисокот од претераната урбанизација на јужниот дел од градот, на сметка на рационалното користење на неискористените слободни површини во северниот дел на градот.

– Во мојата визија Скопје го гледам како зелен град, со многу внимателно распоредени зелени површини, повеќе функционални јавни простори, сообраќај планиран на начин што ќе обезбеди одржлива урбана мобилност и комунална инфраструктура што ќе биде целосно во функција на обезбедувањето чиста и здрава животна средина – изјави Шилегов на работната средба во пресрет на новиот генерален урбанистички план на градот Скопје.

Според истражувањето на здружението „Ни снемува дрвја!“, направено од невладината организација „Плоштад Слобода“, зелената површина во 2002 година изнесувала 75.649 квадратни метри, додека, пак, истата таа во 2017 година изнесува 18.690 квадратни метри, што значи загубени се 56.959 квадратни метри. Спроведените анализи, кои се врз база на детални урбанистички планови, сателитски снимки и теренски мерења, укажуваат дека градскиот центар од 2002 до 2017 година има загубено 75 отсто од зелените површини.

– Во однос на анализата „Ни снемува дрвја“, која ја спроведовме во периодот 2012-2017 година, дојдовме до сознанија дека, доколку се имплементираат сите донесени планови, количеството зеленило на територијата на „Мал ринг“ ќе биде неповратно загубено, а тоа и се случи по доаѓањето на новиот градоначалник на општината Центар – сите планирани објекти се изградија и последните поголеми парчиња јавно зеленило се загубија – појаснува Ивана Драгшиќ од невладината организација „Плоштад Слобода“.

Таа додава дека дополнително е нарушен и квалитетот на релативно рамномерната дистрибуција на густината на зеленилото. Дури и со мораториумот на носење на деталните урбанистички планови во Центар, територијата на градот е во сериозен недостиг од зеленило од сите видови паркови, тревници, дрвореди и други зелени површини.

– Сведоци сме на постојано алармирање од страна на граѓаните на различни делови на Скопје за пренамена и уништување на постојни зелени површини во урбанизирано и градежно земјиште. Парк-шумата Водно е со сериозно намален фонд, а освен во општината Центар, на сите други локации низ градот се продолжува со наводно развојната логика на пополнување празни и зелени простори со згради и деловни објекти – децидна е Драгшиќ.


Градот тврди: Скопје зеленее

Спротивно на „Плоштад слобода“, од градот Скопје објаснуваат дека, според податоците добиени од Секторот за комунални работи, годинава, заклучно со крајот на октомври, има новоподигнати 68.652 квадратни метри зелена површина во градот. Во истиот временски интервал се засадени 4.705 висококвалитетни листопадни и зимзелени садници и 5.220 декоративни грмушки.

– Нови дрвја се засадени на зелениот плоштад помеѓу булеварот Февруарски поход и улицата Тодор Чангов, потоа на јавната зелена површина помеѓу улицата Втора македонска бригада и улицата Ќемал Сејфула, како и на булеварот Гоце Делчев, зад Македонската филхармонија. Нови дрвја има и на зелениот коридор зад „Дрводекор“, потоа на потегот помеѓу улицата Војвода Васил Аџиларски и булеварот Крсте Мисирков и уште еден на булеварот Крсте Петков Мисирков, на потегот од Бит-пазар до мостот „Мајка Тереза“. Нови зелени површини се подигнати и на повеќе локации по булеварите Теодосиј Гологанов, Партизански одреди, Србија и 8 Септември. Во претстојнава есенска акција се предвидува засадување дополнителни 6.000 висококвалитетни садници – информираат од градот Скопје.


Паркови годинава посадиле 1.260 дрвја

Од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ даваат податок дека оваа година посадиле 1.260 дрвја и подигнале 61.878 квадратни метри зелени површини во сите скопски општини.
– Во моментов во тек е есенско садење на уште 2.700 млади садници и 120 листопадни грмушки. Во сите скопски општини оваа година досега подигнавме вкупно 61.878 квадратни метри зелени површини. Некои од нив се на булеварот Февруарски поход и улицата Тодор Чангов, т.н. зелен плоштад, каков што е подигнат на булеварот Србија, кај кулите на „Џевахир“, потоа еден на булеварот Гоце Делчев, кај Македонската филхармонија, и уште еден зелен коридор на улицата Васил Главинов. Сите активности на сечење, кастрење и кроење на дрвјата ги решаваме на основа на издадени решенија од градот Скопје, односно од секторот за комунални работи.