Екипите на Брза помош од изутринава интервенираа кај 30 случаи со зголемувањето на бројот на повици во Службата за Итна медицинска помош во Скопје.

Граѓаните бараат помош и не се чувствуваат добро поради топлото време, жалејќи се на главоболки, болка во градите и зголемен крвен притисок. Ова го потврди раководителката на Службата за Итна медицинска помош при Здравствен дом Скопје, Милица Бубало во изјава за МИА.

– Има мозочи удари, сообраќајни несреќи и хроничните состојби се активираат – вели Бубало, додавајќи дека хронично болните треба редовно да ја пијат терапијата и да одат на контрола на доктор.

Од Министерството за здравство потсетија на општите мерки за заштита на здравјето, во текот на овие екстремно топли денови, аплелирајќи до граѓаните да останат повеќе време во затворени простории (пред сé климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.