Секој граѓанин што ќе сака да удоми куче, пред сѐ, ќе треба да пополни прашалник за удомување, по што ќе разговара со стручно лице вработено во прифатилиштето за да се процени дали и колку удомувачот е соодветен и би бил одговорен сопственик. Доколку се покаже дека удомувачот е соодветен, истиот тој ќе оствари контакт со кучето што сака да го удоми минимум двапати, ќе го посети прифатилиштето и ќе помине време со него. Назначени вработени од прифатилиштето на ЈП „Лајка“ ќе имаат обврска да го посетат удомувачот за да се утврди дали истиот тој го чува соодветно и во согласност со Законот за благосостојба на животните, велат од „Лајка“

ЈП „ЛАЈКА“ – ПРИФАТИЛИШТЕ ЗА ХУМАН ТРЕТМАН НА ЖИВОТНИТЕ

Одлуката да се земе домашен миленик воопшто не е лесна, импулсивна и едноставна. Чувањето куче е доста голема и сериозна обврска на која се нафаќаат лицата што се одлучуваат на тој чекор. Скопје станува град на граѓани со миленици. Голем е бројот на семејства што сакаат, земаат и чуваат миленици. Парковите се преполни со кучиња, а најубавата слика е тоа што уште поголем е бројот на деца што сакаат и играат со кучињата, независно дали тие се нечии миленици или улични кучиња.

УДОМУВАЧИТЕ НЕ ПРЕБИРААТ ЗА ТОА КАКОВ МИЛЕНИК САКААТ

Јавното претпријатие „Лајка“ постои околу шест месеци. Идејата за формирањето на ова претпријатие беше хуман третман на уличните кучиња и намалување на бројот на улични кучиња низ улиците во метрополата.
Откако е формирано прифатилиштето, за шест месеци се удомени 80 кучиња, а удомувачите, оние што искрено ги сакаат животните немаат посебни критериуми при удомувањето. Најважна им е хемијата помеѓу нив и кучето.
– Физичките карактеристики на кучињата се важни, но не пресудни при изборот на куче кај граѓаните. Граѓаните при нивната посета во прифатилиштето на ЈП „Лајка“ пред сѐ се одлучуваат за куче што ќе ги плени на прв поглед со својата весела природа и позитивни карактерни особини – информираат од „Лајка“.
Оттаму додаваат дека удомувањето зависи од индивидуалниот избор на граѓаните. Радува тоа што не се врши селекција на миленикот, односно се посвојуваат дури и миленици со физички недостатоци.
– Се работи за индивидуален избор на самите граѓани. Во прифатилиштето на ЈП „Лајка“ досега веќе е удомено куче што имаше мал физички хендикеп, односно што имаше три функционални нозе. Што значи дека доколку некој сака да удоми куче, нема да му претставуваат пречка неговите физички недостатоци – информираат од стационарот.

СЕ ВРШИ КОНТРОЛА НА УДОМУВАЧИТЕ

Вработените во прифатилиштето заловуваат кучиња што ќе ги фатат на улиците, независно дали станува збор за улични кучиња или, пак, за кучиња со сопственици, но пуштени на улица без сопственик.
– ЈП „Лајка“ има право да залови куче што се наоѓа на јавна површина без присуство на својот сопственик, без разлика дали е расно или не. „Лајка“ е јавно претпријатие за хуман третман и благосостојба на сите кучиња што ќе бидат фатени напуштени на јавна површина на територијата на Скопје – информираат оттаму.
Она што радува е фактот што сега се врши контрола над удомувачите откако ќе удомат миленик од прифатилиштето.
– Секој граѓанин што ќе сака да удоми куче, пред сѐ, ќе треба да пополни прашалник за удомување, по што ќе разговара со стручно лице вработено во прифатилиштето за да се процени дали и колку удомувачот е соодветен и би бил одговорен сопственик. Доколку се покаже дека удомувачот е соодветен, истиот тој ќе оствари контакт со кучето што сака да го удоми минимум двапати, ќе го посети прифатилиштето и ќе помине време со него.
Назначени вработени од прифатилиштето на ЈП „Лајка“ ќе имаат обврска да го посетат удомувачот за да се утврди дали истиот тој го чува соодветно и во согласност со Законот за благосостојба на животните – велат од „Лајка“.
Оттаму додаваат дека секој заинтересиран граѓанин што ќе сака да удоми куче ќе треба да испрати мејл на електронската адреса [email protected], со што ќе треба да пополни прашалник.

– Деновиве во употреба ќе биде пуштена и официјалната веб-страница на ЈП „Лајка“, преку која полесно ќе може секој граѓанин да аплицира за удомување. Нашиот тим на вработени што е одговорен за процесот на удомување е постојано во контакт со граѓаните што имаат досега удомено куче од нашето прифатилиште. Од самите удомувачи добиваме информации за тоа како нивните нови миленици се адаптирале на новиот дом, на преостанатите членови на семејството, каква е нивната здравствена и физичка состојба, но и исто така ни испраќаат фотографии од самите кучиња – информираат од прифатилиштето.
Дека се вршат повремени контроли на удомувачите што удомиле куче од тука, потврдуваат и од прифатилиштето.
– ЈП „Лајка“ врши повремени контроли на удомувачите и постојано е во контакт со нив. Секако, имаме пријателски однос со истите тие и редовно ни праќаат фотографии и видеа, и исто така комуницираат со нас за совети и препораки за милениците што ги удомиле од тука, така што досега, за среќа, не сме имале случај за неодговорно сопствеништво. Доколку во иднина би се случило такво нешто би пријавиле во Агенцијата за храна и ветеринарство, каде што се надлежни за постапување за неодговорно сопствеништво и непочитување на одредбите на Законот за благосостојба на животни – нагласуваат тие.
Сепак, доколку утврдат дека удомувачите не се грижат добро за милениците, од претпријатието велат дека таквите случаи ќе ги пријават во Агенцијата за храна и ветеринарство, која е надлежна за одземање миленици.

[email protected]