Фото: Игор Бансколиев

И покрај зголемениот број информативни и едукативни кампањи во врска со безбедноста во сообраќајот, тоа не влијае да се намали бројот на сообраќајни незгоди. Се поставува прашањето каде е проблемот. Дали е во прашање менталитетот на учесниците во сообраќајот, недоволната сообраќајна култура, потребата за поригорозни казни или нешто друго

Иако постојат голем број пешачки премини, секојдневно забележуваме како граѓаните минуваат надвор од пропишаните зони на кои треба да се преминува, а исто така постојано забележуваме автомобили што возат со поголеми брзини од пропишаните. Дали станува збор за навика или за немање сообраќајна култура?
Во Скопје и во цела Македонија често може да се забележат неформални собирачи на отпад, кои носат кабасти предмети со кои им го нарушуваат движењето на пешаците, а некогаш и движењето на коловозот што дополнително ги нарушува условите и безбедноста во сообраќајот.

Дозволената брзина на јавните патишта во населени места изнесува 50 километри на час. Иако ограничувањето на брзината би требало да обезбедува поголема безбедност во градските области, според официјалните информации од Министерството за внатрешни работи, бројот на сообраќајни незгоди за 2018 година до месец мај изнесува 1.078, а бројот на изречени казни за пречекорена брзина изнесува 2.729. Од податоците може да се заклучи дека законските регулативи за безбедност во сообраќајот кај нас ретко се почитуваат, а наедно дека постои и сериозен проблем со сообраќајната култура. Според Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, пешакот што е со намера да премине преку коловозот на место каде што не постои обележан пешачки премин, не е дозволено да стапне на коловозот ако со тоа го попречува сообраќајот на возилата. Доколку се постапува спротивно од оваа одредба, казната изнесува 30 евра. Исто така доколку не се почитува поминувањето на пешачки премин се предвидува казна во износ од 50 евра. Според информациите од МВР, до март годинава биле предупредени 286 пешаци и 159 биле повикани на сообраќајна поука.

МВР и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата постојано спроведуваат акции за издигање на свеста кај граѓаните за почитување на сообраќајните правила и прописи. РСБСП во изминатиот период интензивно спроведуваше акции како „Животот е полн со бои само кога е безбеден“, „Безбедни млади возачи“, разни едукативни автобуси, кои се возеа низ скопските општини, исто така и проектот „Го сакам градот безбеден!“ во кои беа вклучени голем број јавни личности.

– Организациски единици за контрола и регулирање на сообраќајот на патиштата во Министерството за внатрешни работи, односно Бирото за јавна безбедност во континуитет спроведуваат воспитно-едукативни акции и кампањи во насока на издигање на нивото на знаењата (и свеста), пред сѐ етиката и сообраќајната култура на учесниците во сообраќајот, вклучувајќи ги и пешаците (притоа посебен осврт е даден на младата популација). Некои од нив се традиционалните воспитно-едукативни акции: „Детски семафор“, „Сообраќајно-техничка култура на младите“, „Познавајќи ги сообраќајните правила и прописи – побезбедни во сообраќајот“, националната кампања за безбедност во сообраќајот на патиштата „Јас внимавам“ и ред други превентивни активности, кои се типизирани во согласност со категориите учесници во сообраќајот и се во насока на унапредување на општата превенција, односно унапредување на безбедноста во сообраќајот на патиштата – велат од МВР.

Сите овие податоци и информации ни навестуваат дека спроведувањето на казните и на информациите од голем број сообраќајни незгоди не се доволен двигател за да се смени менталитетот на македонските граѓани. Затоа по улиците постојано гледаме автомобили што се движат со голема брзина и неодговорни пешаци, кои не ги почитуваат сообраќајните правила.