Фото: Игор Бансколиев

На последната седница, Советот на Град Скопје ја разгледа и ја усвои стратегијата за родова еднаквост на Град Скопје 2021 – 2025. Станува збор за стратегиски документ, кој се донесе заради унапредување на еднаквите можности на жените и на мажите во севкупното општествено живеење во градот

Стратегија за родова еднаквост на главниот град

Град Скопје е најголемата административно-локална територијална единица во земјата. Како таква организација, нужно се потребни и поголеми ангажмани и зафати за реално создавање амбиент за почитување на правата на жените, но и рамноправна и еднаква застапеност на жените со мажите.
На последната седница, Советот на Град Скопје ја разгледа и ја усвои стратегијата за родова еднаквост на Град Скопје 2021 – 2025. Станува збор за стратегиски документ, кој се донесе заради унапредување на еднаквите можности на жените и на мажите во севкупното општествено живеење во градот.
– Град Скопје е една од првите единици на локална самоуправа што беше вклучена во програмата за родово одговорно буџетирање на телото на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените – УН вимен, а со ваквата стратегија се потврдува како лидер и пример за општините во промоција и унапредување на родовата рамноправност.

Како основа во изработка на оваа стратегија се земени двата меѓународни документи што се однесуваат на локалната самоуправа и родовата еднаквост: „Светската декларација на жени во локалната власт“ и „Европската повелба за еднаквоста на мажите и жените во локалниот живот“. Стратегијата за родова еднаквост на Град Скопје ги има превид и преостанатите стратегиски документи на национално и на локално ниво. Истата таа е направена врз основа на анализа на реалните податоци и дава преглед на основите индикатори на Град Скопје во различни области, со посебен акцент на прашањата во кои најмногу можат да се детектираат родовата нееднаквост и нерамноправност во односот помеѓу мажите и жените, како што се неплатениот труд, јавната безбедност и насилството, пазарот на трудот и вработувањето, здравството, образованието и друго – информираа градските власти.
Оттаму додаваат дека со Стратегијата за родова еднаквост, Град Скопје ги промовира еднаквоста, недискриминацијата, партиципативноста, еднаквите можности за сите, одржливоста, толеранцијата, лидерството, транспарентноста и отчетноста.
Акцискиот план за родова еднаквост (2021-2025), кој е дел од оваа стратегија, предвидува преземање краткорочни и среднорочни активности од повеќе области планирани за период од четири години, а имплементирани преку годишните оперативни програми. Предвидено е да се примени родов пристап при планирање и доставување на сите јавни услуги од областите на: урбанизмот, социјалната здравствена и детска заштита, културата, спортот, сообраќајот, животната средина, комуналните дејности, локалниот економски развој, образованието, како и во работата на јавните претпријатија и културните установи на Град Скопје.

– Планирани се многубројни конкретни активности како: обезбедување услуги на нега во домашни услови, дневна нега и грижа за стари и изнемоштени, болни лица и лица со посебни потреби, зголемување на опфатот на девојчиња во средното образование со посебен акцент на Ромките, зголемување на бројот на девојки во техничките науки, намалување на сегрегацијата на работните места, зголемување на бројот на бизнис-жени, промоција на женски автори, зајакнување на женски културни дејци, инвестиција во јавна инфраструктура за развој на спортот според преференции на жените, достапност на јавен транспорт и транспортни линии – информираат градските власти.
Активностите ќе бидат финансирани од буџетот на Град Скопје, а стратегијата е сеопфатен документ на Град Скопје, како креатор на еднакви можности за жените и мажите, и ги изразува севкупната политика и плановите на Градот за унапредување на родовиот аспект во сите области на живеење и работење заради подобрување на целокупниот квалитет на живеењето на жените и на мажите.

Исклучителни успеси на работни единици каде што раководители се жени

Бројот на жени вработени во Град Скопје, но и во некои од јавните претпријатија, вклучува и жени вработени на раководни функции.
– Бројот на вработени во Град Скопје изнесува 622, каде што 394 се мажи, а 228 се жени. Во Скопје има седум раководители на сектори што се мажи и пет се жени (неколку сектори се без раководител), помошник-раководители на сектори што се мажи има 16 и 11 жени, додека раководители на одделенија се 23 мажи и 23 жени. Кај раководствата на јавните претпријатија имаме седум директори мажи и две жени, кај јавните културни институции по четири мажи и жени, додека кај средните училишта имаме 13 директори мажи и десет директори жени – информираат од Градот.
Во јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје вкупно има вработено 241 жена, од кои 16 се на раководни позиции, распределени во различни сектори, но и на менаџерско ниво.
– Секторите во кои се распределени жени на раководни позиции се: Сектор за санитарна контрола (каде што 90 проценти од вработените се жени); Јавни набавки; Сектор водовод; Сектор за третман на отпадни води; Сектор за технички работи и развој; Финансии, сметководство и комерција; Сектор за правни и општи работи; Наплата и Сектор за човечки ресурси. Застапеноста на жените е видлива и во Секторот канализација и експлоатација и одржување како и обезбедување – информираат од претпријатието.
Оттаму додаваат дека стремежот на менаџерскиот тим на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје е почитување на родовата еднаквост, како и вреднување на потенцијалите, вештините и знаењето на вработените, без оглед на нивната родова припадност.
[email protected]