Фрлањето догорчиња, правењето скара, но и палењето на стрништата се едни од најчестите причини за избивање пожари / Фото: Игор Бансколиев

Според Трајче Кметовски, помошник-командант за развој во противпожарната бригада на Скопје, од први јануари годинава во Скопје имало вкупно 760 пожари, а од нив дури 60 проценти биле пожари на отворено

НЕСОВЕСНО, НЕОДГОВОРНО И НЕКОНТРОЛИРАНО ПАЛЕЊЕ СТРНИШТА

Летниот период, но и целокупната новонастаната ситуација предизвикана од пандемијата на коронавирусот, која придонесе за зголемена посетеност на домашните туристички места, планини и излетнички места, се доволна причина за зголемување на бројноста на пожарите во земјава. Излетничките места што им се достапни на жителите на главниот град се преполни со посетители, кои при мал знак на невнимание можат да предизвикаат катастрофи од големи размери. Фрлањето догорчиња, правењето скара, но и палењето на стрништата што најчесто го практикуваат земјоделците при чистењето на нивите се едни од најчестите причини за неконтролираното избивање пожари и за нивното ширење. Со тоа не само што се загадува и оштетува животната средина туку се ризикуваат и голем број домаќинства, електрични инсталации, но и човечки животи.

Сведоци сме на голем број пожари настанати како последица на човечкото невнимание. Според Трајче Кметовски, помошник-командант за развој во противпожарната бригада на Скопје, од први јануари годинава во Скопје имало вкупно 760 пожари, а од нив дури 60 проценти биле пожари на отворено.
– Со сигурност можам да кажам дека најчеста причина за пожарите е човечкиот фактор. Пожарите ги делиме генерално на две групи. Првата група се пожарите на отворен простор, а причина за нив е човечкото невнимание и намерното палење за проширување на огнот на пасиштата, за истите тие да ги исчисти. Исто така палат оган во шумите, со намера остатокот од опожарените дрвја да се искористат како огревно дрво. Често се случува и да настане шумски пожар од фрлено догорче од цигара, намерно палење отворен пламен, скара и слично – вели тој.
Токму поради несовесното палење оган од страна на граѓаните, со кој сакаат да ги исчистат нивите и стрништата, градските власти веќе втора година едноподруго ја продолжуваат кампањата за бесплатно собирање на остатоците од берба за да се спречи палењето на стрништата.

– Кампањата годинава ќе го опфати целиот скопскиот плански регион. Покрај бесплатното подигање на органскиот отпад, Град Скопје како дополнителна мотивација годинава нуди можност секој што ќе ја искористи оваа поволност, во сезоната на садење да добие околу 30 килограми органско ѓубриво на секои 100 килограми отпад. Овој проект ќе опфати и компостирање на собраниот материјал во објект во сопственост на градот.
Оваа година, во кампањата за спречување на палењето стрништа се вклучи и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во делот на планирањето на периодите кога се врши бербата на различните земјоделски култури.
Град Скопје е прва единица на локална самоуправа што спроведува кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата, за да се намали загаденоста на воздухот, да се зачува плодноста на почвата, но и да се спречи ширењето на евентуални пожари, кои често предизвикуваат материјални штети, а понекогаш загрозуваат и човечки животи.

– Минатата година оваа кампања првпат беше организирана и даде одлични резултати – бесплатно подигање на отпадот од бербата побараа повеќе од 120 жители на Скопје, при што беа подигнати 700 кубни метри органски отпад и беше спречено палењето. Заинтересираните граѓани може да се јават на телефонскиот број 071 395 395 и да договорат бесплатно подигање на органскиот отпад – информираат од Градот.
За заштита на природата на Водно, Сарај и Матка, градските власти набавија и опрема за справување со шумски пожари. Набавени се два шумски трактори (четвороцикли), рачни пумпи за гасење пожар, моторни пумпи за вода, повеќенаменски алатки за гасење пожар, дрон со термална камера и моторни пили, кои ќе бидат во функција на сите единици на противпожарната бригада на Град Скопје и на ЈП „Паркови и зеленило“ за полесно справување со шумските пожари на територијата на планинскиот појас од Водно до Матка и да се зачуваат природните вредности на подрачјата.
Активностите за подигнување на нивото за заштита од шумски пожари, Град Скопје ги реализира во рамките на проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“, кој е финансиран од Европската Унија, а се реализира од УНДП во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.

[email protected]