Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ и Општина Центар, во соработка со Сообраќајната полиција – Скопје, минатата недела санкционирале 184 непрописно паркирани возила што го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
– Во периодот од 4.10. до 10.10.2021 година, со помош на специјалните возила пајак на ЈП ПОЦ, отстранети се 99 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичкото средство блокатор се санкционирани 85 возила што биле затекнати во резидентни зони, а не биле корисници резиденти на секторот во којшто биле паркирани – велат од Општината.
Оттаму додаваат дека заедно со претпријатието континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка, со цел да се доведат во ред сообраќајниот хаос и проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици на територијата на Општина Центар.