Месното насаление не знае кој ја освојува шумата и кој издава дозволи за градба Фото: Игор Бансколиев

Надлежните од општините не се расположени да зборуваат за дивоградбите на нивните територии. Иако ги прашавме дали имаат некаква евиденција колку дивоградби регистрирале, не сакаа да кажат ништо ниту од општината Чаир ниту, пак, од Гази Баба.

А во Чаир на пример оддалеку се гледа ридот Гази Баба, на кој се чини дека одамна е премината градежната линија. Сѐ повисоко и повисоко, но и подлабоко во шумскиот дел се градат индивидуални куќи, кои прилегаат на цели станбени згради на четири-пет ката, а надлежните никогаш не сакале ниту збор да изустат за тоа дали се гради легално или нелегално и колку објекти се дивоградби. Месното население постојано зборува дека тие со помош на локални моќници се легализираат. Куќа до куќа, како печурки се наредени и во познатата улица Дижонска, која важи за улица со најмногу дивоградби, потоа Серава и многу други такви во оваа општина, за кои постојано има сомнение дека некој нешто изградил или доградил на диво. Веќе подолг период под скалилата на надвозникот кај „Чаирчанка“, по кој се поминува кон основното училиште „Лирија“, се забележува мал објект, семкарница затскриена зад металната конструкција. Семкарницата е на тротоар, на јавна површина и на локација на која очигледно не прилега да биде поставена. И за неа не добивме одговор дали е легална или нелегална. Зад семкарницата има најлонско кафуле или чајџилница, која исто така е близу скалилата на надвозникот.

За сите поставени прашања од Чаир едноставно не се огласија дури и по неколкудневното настојување, иако секогаш досега за што било друго веднаш ни одговараа. Не добивме ниту одговори во општината Гази Баба дали имаат бројка колку дивоградби преброиле на својата територија. Не е ридот Гази Баба нападнат од диво изградени објекти само од страната на Чаир, бидејќи куќа до куќа се начичкани веќе високо и од истоимената населба Гази Баба.

Пред очите на скопјани одамна е премината и градежната линија на Водно. Најблиското рекреативно место за граѓаните не може да се спаси од висококатниците, кои почнаа да го освојуваат и уништуваат. Цели населби никнаа на падините на планината, а надлежните не мрднаа со прст за тоа. Граѓаните коментираат дека никој не смее да се амнестира и додаваат дека мора да се побара одговорност од сите оние што покажуваат негрижа кон нашата животна околина, за сметка на своите бизниси и огромните пари што ги вртат во овој бизнис.

– Мора да им се стави крај на урбаната мафија и на нелегалното и непланско градење за сметка на нечии интереси. Особено треба да му се стави крај на уништувањето на Водно со градби, со сечење на шумата за божем оправдани проекти и на уништувањето на животната околина и населбите со неплански градби – смета скопјанецот Цане И.

Ги прашавме и во градот Скопје колку дивоградби има на Водно и каде е преминатата градежната линија.

– Сите градежни дозволи (за маркици) и критериуми се утврдуваат со ДУП, па затоа треба да се обратите до општините Кисела Вода, Центар и Карпош за детали за објекти ако ги надминуваат нив. Градот Скопје ниту издава градежни дозволи, ниту пак има надлежност преку градежен инспекторат да ги контролира дивоградбите, ова исто така е во надлежност на општините и за повеќе информации обратете се кај нив – ни одговорија од градот.

Неодамна Сојузот на стопански комори излезе со став дека легализирањето на дивоградбите е амнестирање кривично дело. Според комората, бесправното нелегално градење не само што фрла црна дамка врз градежниот сектор во земјава туку уште повеќе ја поттикнува сивата економија, која на многу начини зема силен замав.

– Сѐ што е дивоградба е кривично дело и треба да биде санкционирано со затвор – дециден беше претседателот на комората Ивица Јаќимовски, кој на 2 март на прес-конференција укажа на потребата од јавна дебата за надминување на овој проблем.
Не може, смета Јаќимовски, градоначалниците да не знаат што се гради кај нив. Со оваа констатација сме согласни сите и редно е да му се стави крај на дивеењето во урбанизмот. Урбанистите одамна апелираат дека треба да стави ред во градењето, ама на тоа треба да одговорат најповиканите од локалните самоуправи.

Од Чаир не кажаа ниту дали е легална семкарницата под надвозникот
Фото: Игор Бансколиев