Обележувањето на хоризонталната сигнализација и исцртувањето нови полни линии на коловозот на улицата Христијан Тодоровски-Карпош не усреќија дел од жителите на Бутел. Станува збор за оние граѓани што живеат во куќите кон ридот Гази Баба, од десната страна на оваа сообраќајница, а територијално се жители на Бутел. Сега тие тврдат ќе мораат да потрошат повеќе за гориво ако сакаат да одат кон центарот на градот, затоа што кога излегуваат од нивните сервисни улички не ќе можат да преминуваат преку полните линии на коловозната лента.

Пред исцртувањето на сообраќајницата тие директно се вклучуваа кај автобуската станица и продолжуваа кон Бит-пазар. Сега, по исцртувањето, велат дека ќе мораат најпрвин да се упатат кон општината Бутел, а потоа дури на семафорот кај Тутунска банка, односно кај општинската зграда на Чаир да завртат за да се упатат кон Бит-пазар. Оние што не сакале да возат по толку заобиколен пат и се вклучувале на сообраќајницата како и пред тоа, а ги прегазиле полните линии вчера ги добиле и првите казни. Поради наведеното, за нив ова е многу лошо сообраќајно решение и тие велат дека ќе реагираат во градот. Сега, освен што ќе мора да трошат повеќе гориво, ќе трошат и повеќе време кога ќе излегуваат од дома кон Бит-пазар.

Само на нив велат останува што ќе изберат да потрошат време или пари, а плус пари можат да даваат и за казни кога ќе одлучат да преминат преку полните линии. Токму затоа велат дека ќе се жалат и во градот и ќе побараат да се преиспита ова лошо сообраќајно решение, па да видат дали можеби нивната поплака ќе наиде на разбирање кај надлежните. Некои од нив се јавувале по телефон и реагирале во Одделението за сообраќај, од каде што им било кажано дека ваквото сообраќајно решение било подготвено од стручни лица. Доколку не се направат никакви измени, граѓаните велат дека ќе мора да се снаоѓаат кој како сака и може.

Од градот неофицијално ни рекоа дека немаат некакви организирани реакции од граѓаните, но официјално не ни одговорија дали доколку се случи тоа, ќе преземат некакви чекори за правење измени во проектот.