Утре започнува изведбата на петтата фаза од реконструкцијата на улицата Орце Николов во Дебар Маало.
– Во оваа фаза се предвидува целосно затворање на улицата од крајот на фазата четири до крстосницата со улица Ѓорѓија Пулевски. За време на реализацијата на оваа фаза се забранува паркирање на дел од улицата Благоја Давков и возилата што доаѓаат од улица Франклин Рузвелт се пренасочуваат преку улицата Ѓорѓија Пулевски по преостанатата мрежа.
Едниот пристап до Министерството за одбрана се затвора и возилата до министерството ќе пристапуваат преку веќе претходно изградениот пристап. Улицата Алберт Ајнштајн се предвидува да биде целосно затворена, со тоа што жителите од истата таа ќе можат да пристапуваат преку улицата Донбас, која е поврзана со улицата Орце Николов, со пристап преку тротоар. Улицата Дане Крапчев е затворена на делот кон крстосницата, за што е поставена соодветна сигнализација и е оставена можност жителите по должина на истата таа да пристапуваат во слепиот крак – информираат од Општината.
Оттаму додаваат дека реализацијата на оваа фаза од реконструкцијата е предвидено да трае 30 дена.
Реконструкцијата на Орце Николов, поделена во шест посебни фази, опфаќа површина од вкупно 7.182 квадратни метри.