Започнаа градежните активности за реконструкција на стационарот „Вардариште“. Како што информираат од градот Скопје, на два објекта во стационарот е почната демонтажа на веќе постојните метални боксови и елементи.

– Металните боксови и елементи ќе бидат комплетно заменети со нови по современи стандарди во служба на основните потреби на бездомните животни, кои ќе бидат дел од новата програма. Со денешните активности ќе се подготви простор за слободен, непречен влез и функционирање на градежната механизација во согласност со проектната документација за реконструкција, санација и адаптација – велат од градот Скопје.

Како што е познато, претходно со стационарот „Вардариште“ стопанисуваше јавното претпријатие „Комунална хигиена“, а сега одговорно за уличните животни ќе биде новоформираното претпријатие „Лајка“. Од градот Скопје додаваат дека новото јавно претпријатие ќе има целосно нов концепт и пристап кон решавањето на проблемот со уличните животни и нивниот третман.