Градот Скопје започна акцијата за обнова на зелените површини во новиот дел на Градскиот парк.

Во рамки на акцијата, се реконструираат тревните површини во близина на езерцето со нова хидрантска мрежа и се прават подготовки за да се постави урбана опрема и да се засадат повеќе од 200 дрвца.

– Започнавме со реконструкција на зелените површини во стариот дел од Градскиот парк. Деновиве работиме на обновување на тревната површина во близина на езерцето кај стадионот каде што опфаќаме површина од 4.400 квадратни метри. По завршувањето на овој дел, продолжуваме со реконструкција на тревната површина наспроти фонтаната „Лотосов цвет“, на влезот во Градскиот Парк, на површина од 1.900 квадрати. Во овие два дела од Градскиот парк тревата е со надмината физиолошка старост од повеќе од 40 години, поради што е неопходна реконструкција на овие тревни површини. На овие локации е предвидено да се засадат над 200 украсни грмушки и листопадни садници со кои ќе се надополни постојниот дрворед – рече градоначалникот Петре Шилегов на денешната прес-конференција.

Дополнително, во овој дел од паркот ќе се постави нова хидрантска мрежа во должина од 700 метри, при што ќе бидат заменети расипаните прскалки и ќе бидат поставени нови, онаму каде што недостасуваат. Ќе бидат поставени и нови клупи и корпи за отпадоци, а ќе се реконструираат и патеките.