На територијата на Скопје има околу 220 јавни фонтани и чешми - Фото: Игор Бансколиев

Затворањето на дел од јавните чешми и фонтани е веќе започнато, иако периодов имаме невообичаено топли денови во есен со изразени летни температури. Многумина токму на јавните чешми и фонтани сѐ уште ја гаснат својата жед

Јавните чешми и фонтани ќе останат функционални само уште кратко време, неполни десетина дена. Ова го потврдија и од јавното претпријатие „Водовод и канализација“, кои се одговорни за функционирањето на градските чешми и фонтани, но и за нивното конзервирање и подготовка да се заштитат за претстојниот зимскиот период. Затворањето на дел од јавните чешми и фонтани е веќе започнато, иако периодов имаме невообичаено топли денови во есен со изразени летни температури. Многумина токму на јавните чешми и фонтани сѐ уште ја гаснат својата жед. Тоа е и нивната основна функција во сите градови. Но покрај тоа што јавните фонтани и чешми се потреба на граѓаните, тие претставуваат и украс на еден град. На територијата на Скопје има околу 220 јавни фонтани и чешми, но не се сите под надлежност на јавното претпријатие.

– Затворањето на јавните фонтани и чешми е почнато и ќе заврши до крајот на месецот. За да ги конзервираме мора да ја испразниме водата од нив, а потоа и да ја исклучиме. Исто така, некои од украсните фонтани ги покриваме за да ги зачуваме подобро – велат од ЈП „Водовод и канализација“.

Во развиените градови покрај тоа што се внимава на потребата од јавни чешми и фонтани, на нивниот функционален аспект, важен акцент се става и на нивната естетика, на нивната убавина. Атрактивните урбани решенија на некои фонтани претставуваат украс на Скопје и се убави места за одмор, кои истовремено го привлекуваат и вниманието од граѓаните и туристите. Токму затоа тие треба да бидат функционални во топлиот временски период, но граѓаните кон нив треба да покажуваат грижлив однос, наместо да ги оштетуваат и да ги полнат со ѓубре. Неретко и ги расипуваат градските чешмички. Во овие топли денови, кога дневните температури во Скопје се искачуваат и повисоко од 25 Целзиусови степени, јавните чешми и фонтани и тоа како претставуваат посетени места од скопјани и од сите намерници и случајни минувачи.

Надворешните температури неочекувано можат и да паднат, па поради тоа одговорните од „Водовод и канализација“ велат дека неминовно мора да ги започнат конзервацијата и подготовката на чешмите и фонтаните за ниските зимските температури, за да ги заштитат од несакани последици. Преземените мерки за заштита особено се важни за да не дојде до мрзнење на водата. Последиците од тоа може негативно да влијаат и на целиот систем на еден ваков објект. Но од ЈП „Водовод и канализација“ не се одговорни за сите јавни чешми и фонтани и дел од обврската за нивна заштита им припаѓа на општините, кои исто така треба да преземат мерки за заштита од ниските температури.

– Не сме одговорни за сите јавни фонтани и чешми во градот, има и такви што се под општините во градот Скопје. ЈП „Водовод и канализација“ е одговорно за 10 украсни фонтани и 180 јавни чешми во градот – информираат од ЈП „Водовод и канализација“. Каде и да се и под чија и да се надлежност јавните чешми и фонтани често се цел на вандали и несовесни граѓани. Често се полнат со ѓубре и се затнуваат или се кршат. И во украсните фонтани се фрла отпад и се создава грда слика пред граѓаните и туристите.

Од „Водовод и канализација“ апелираат, доколку граѓаните забележат дефект на фонтана или на чешмичка да се јават во дежурниот информативен центар на претпријатието на телефонскиот број 02 3073-010 и да го пријават тоа.
Инаку ЈП „Водовод и канализација“ надлежноста за одржување на фонтаните во централното градско подрачје ја доби во јуни 2018 година, кога Советот на градот Скопје донесе одлука за тоа.