Поради несоодветен квалитет од страна на доставувачот, рабниците на новоизградената улица во населбата Усје се заменуваат со нови. Надлежните од Кисела Вода изразуваат жалење доколку ваквата постапка предизвикала одредено незадоволство и загриженост кај граѓаните. За оваа состојба со улицата, Општината ги информира своите граѓани на својата фејсбук-страница.
– Надзорот над изведените работи на новоасфалтираната улица во Усје покажа несоодветен квалитет. Производителот ја прифати рекламацијата и ги замени со нови, кои се со потребниот квалитет. Оваа интервенција е на товар на изведувачот на работите и производителот од каде што се набавени вградените рабници. Редовниот надзор и контрола што ги спроведуваат службите на Општина Кисела Вода заедно со стручниот надзор во неколку наврати идентификуваа одредени пропусти при изработката и побараа од изведувачите да ги санираат сите состојби што не ги задоволуваа пропишаните стандарди, една од тие позиции е оваа – се вели во објавата на Општината.
Со оваа информација надлежните велат дека сакаат да спречат и злоупотреби за ширење шпекулации и лажни вести, додавајќи дека како општина работат транспарентно и се грижат за квалитетна изведба на сите инвестиции.