Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од ЈСП појаснуваат дека сите возачи, независно дали се вработени на определено или неопределено време, мора да имаат доставено уверение за здравствената психофизичка состојба и положени категории Д и Д1. Мора да ги исполнуваат здравствените критериуми пропишани во правилникот. Но пред сѐ тие ќе бидат љубезни, услужни и со највисока почит кон граѓаните

Оние што секојдневно се возат со автобусите на јавното сообраќајно претпријатие забележуваат дека најголем дел возачи се униформирани на своите работни места. Носењето униформа е дел од кодексот на однесување на возачкиот персонал при извршување на работните задачи. Најмногу од нив се однесуваат професионално и, сместени во своите кабини, управуваат со возилата и не разговараат со патници. Но понекогаш може да се видат возачи без униформа, да разговараат со патник при отворена кабина, или да зборуваат на мобилен телефон додека управуваат со возилото. Ова, секако, е спротивно на кодексот, кој вели дека користењето на службените простории, освен во одредени исклучоци за приватни потреби и активности, не е дозволено.

Пушењето цигари на возачкото место повеќе е карактеристика на некои возачи во приватните автобуси, отколку на оние од ЈСП. Кај приватните претпријатија, освен опомена до возачот што пушел во автобус, казна нема. Возачите на ЈСП се подисциплинирани во тој поглед можеби и затоа што во претпријатието има внатрешна контрола, која го контролира однесувањето на возачите, а за секое прекршување на кодексот, доколку се докаже, се поведува дисциплинска постапка или се изрекува санкција. Од ЈСП тврдат дека возачите во најголем дел го почитуваат кодексот на однесување, но исто така и дека се водат дисциплински постапки против оние што не ги почитуваат правилата.

Кодексот на однесување е објавен и на веб-страницата на претпријатието и тој е задолжителен како за вработените, така и за патниците. Во него се вели дека клиентот е секогаш во право, но не може да се оправдаат оние патници што ги кршат правилата, прават неред и се однесуваат недисциплинирано и некултурно. Иако не е дозволено да се носи храна, има примери кога граѓани појадуваат во возилата, гласно разговараат меѓусебно или на мобилен телефон, па ги вознемируваат и возачот и другите патници.

– Не е дозволено ниту да се фрлаат отпадоци, но во некои возила има и отпадоци и лушпи од семки или сончоглед. Сум видела како се јаде бурек, се хранат деца, има секакви патници и ако на ваквите примери реагира возачот, тие веднаш ќе отворат вербален конфликт. Гласно и непримерно однесување сум забележала и од групи ученици, па дури имало и такви што го оштетуваат и инвентарот. Ако возачите мораат да се однесуваат пристојно за да го зачуваат најпрво својот углед и угледот на претпријатието, тогаш и граѓаните мора да се однесуваат пристојно и во возилата и кон возачите и да не влегуваат во вербални дуели со нив, бидејќи тие мора да бидат сконцентрирани во својата работа – вели повозрасна и редовна патничка на ЈСП.
Активностите на возачите додека се на работното место во целост мора да се во согласност со правилата што се пропишани. Тие не можат да застанат откако ќе појдат од постојка и веќе возилото им е во движење, затоа што некој им тропа на влезната врата бидејќи за малку не стигнал на постојката. За тоа не се виновни возачите. Оние што прават сериозни прекршувања на правилата добиваат и казни.

– Од дневните билтени на внатрешна контрола може да се заклучи дека возачите го почитуваат кодексот на однесување. Внатрешната контрола секојдневно е на терен, со цел, меѓу другото, да надгледува дали возачите го почитуваат кодексот на работа. Во изминативе девет месеци се поведени 88 дисциплински постапки, од нив девет се против возачи што за време на возење редовна линија користеле мобилен телефон, а двајца пушеле цигара. Во зависност од природата на кршењето на кодексот за работа, казната може да биде усна опомена, парична казна, привремена прераспределба на друга работна позиција. Пред сѐ да напоменеме дека за да поведеме дисциплинска постапка против возачот што користи мобилен телефон или пуши цигара за време на управување со автобус, неопходен е доказ – објаснуваат од ЈСП Скопје.
Од претпријатието велат дека се отворени за жалби и поплаки од страна на патниците, по чија регистрација пријавените случаи се испитуваат од страна на нивните соодветни служби.

– Имаме директна комуникација со корисниците на нашите услуги преку фејсбук-страницата на ЈСП (facebook.com/jspskopjee), како и преку веб-страницата www.jsp.com.mk. Секој што има конкретна поплака за наш вработен (возач, контролор, билетарка и слично), може да ја испрати на посочените адреси со наведен опис на ситуацијата и информацијата (ден, време, линија, гаражен број на возило), односно да достави фотографија на пример на возач со мобилен или цигара за време на управување со автобус. Врз основа на тоа, внатрешната контрола го испитува случајот и, доколку се утврди прекршување на кодексот за работа, комисијата за дисциплински постапки во рамките на ЈСП презема соодветни мерки. Да напоменеме дека ЈСП-Скопје нема ингеренции и надлежности за односот на возачите на приватните автобуси. Нарушување на кодексот за работа од страна на возачите на приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ може да се пријави во Диспечерскиот центар на приватните превозници на 2602-015 – посочуваат од ЈСП.

Оттаму појаснија дека сите возачи независно дали се вработени на неопределено или определено време поседуваат лекарско уверение, односно уверение за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило, трактор и работна машина за категоријата Д и Д1, во согласност со правилникот за здравствени критериуми што задолжително треба да ги исполнуваат кандидатите за возачи на моторни возила, а врз основа на 424 став 1 алинеја 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.