Жичницата на Водно на иницијатива на граѓани на 28 месецов (вторник) кога е неработен ден поради верскиот празник „Голема Богородица“ ќе работи со вообичаено работно време иако е последен вторник во месецот кога се врши редовен сервис на објектот.

Редовниот сервис ќе се изврши на 29 август (среда) и тогаш Жичницата нема да работи.

– ЈСП Скопје одлучи позитивно да одговори на барањето на поголем број граѓани кои деновиве иницираа жичницата на посочениот ден да работи имајќи во предвид дека е неработен ден (верски празник) за поголем број граѓани и извесно е дека дел од нив планираат очекуваното сончево време да го минат на падините на Водно – се вели во соопштението од ЈСП Скопје.

Автобусите на линија 25 (Транспортен центар-Средно Водно), 25А (Стара железничка станица-Средно Водно) и 25Б (Дом на печат-Средно Водно) ќе возат по неделен возен ред, а превозот за сите патници ќе биде бесплатен согласно одлуката на Советот на Град Скопје за бесплатен превоз во недела на тие линии за сите категории патници.