Фото: Игор Бансколиев

Облаци од прав се креваат од раскопаната улица Бутелска, на која градежните активности започнаа некаде во почетокот на септември и сѐ уште не се завршени. Бутелчани велат дека немаат живот во населбата и здравјето им е сериозно нарушено. Најзагрижени се за децата, кои постојано имаат респираторни проблеми, како
и повозрасните

Бутелчани со месеци се задушуваат не само од загадениот воздух туку и од прашина, која е нивно секојдневие. Облаци од прав се креваат од раскопаната улица Бутелска, на која градежните активности започнаа некаде на почетокот на септември и сѐ уште не се завршени. Бутелчани велат дека немаат живот во населбата и здравјето им е сериозно нарушено. Најзагрижени се за децата, кои постојано имаат респираторни проблеми, како и повозрасните, бидејќи секојдневно дишат прашина. Тамошните жители велат дека децата мора да одат во градинка, тука е и училиштето „Живко Брајковски“, кое е близу оваа сообраќајница, како и градинката. И не е само тоа проблем, бидејќи во близината се трговскиот центар и зелениот пазар, од каде што секојдневно мораат да преминуваат преку Бутелска за да испазарат. Велат дека прашината ја забележуваат дури и на пазарските тезгиња на зеленчукот и овошјето, а таа е присутна и на производите во блиските продавници, од каде што некои вработени се пожалија дека секојдневно мораат да ја пребришуваат од производите на рафтовите. Бутелчани што направиле бавчички во своите дворови велат дека ништо од она што го посадиле нема здраво да го консумираат, а прашината не била само во нивните бавчи и дворови туку и во нивните домови. Во период кога владеат вирози или дома имаат некој болен од грип, не можат ниту прозорец да отворат за да проветрат. Прашината од раскопаната сообраќајница Бутелска е присутна постојано и секаде. Бутелчани велат дека животната околина сосема им е нарушена, за тоа казната ја плаќаат тие со сопственото здравје. Ако според законот за јавна чистота се казнуваа камионите што излегуваа валкани од градилиштата, тогаш прашуваат кој ќе ја плати казната за ова градилиште што им го наруши животот.

Според Законот за јавна чистота, ако камион излезе валкан од градилиште и ја загрозува животната околина, казната за правното лице изнесува 4.000 евра, додека казната за управителот изнесува 1.500 евра, но нарушеното здравје нема цена, се жалат бутелчани.

Но Бутелска не единствениот пример каде што се завлечкани градежните зафати. Такви примери се и кружниот тек во Кисела Вода, на последната автобуска постојка на линијата со бројот 24, раскопаните тротоари на Теодосиј Гологанов, на која од летоска беа извадени павер-коцките на тротоарите и сѐ уште се чека да се асфалтираат.
Весна Крагуевиќ, продавачка во локален маркет на пазарчето во Бутел, вели дека секојдневно мајки се жалат дека децата им се болни од таа прашина, а таа секојдневно мора да ги пребришува производите во продавницата и мебелот во домот.

Нема сушење алишта во двор, бидејќи и на нив ќе се налепи прашина.

– Се удавивме во прашина. Ова веќе не се трпи, ми пречи на здравјето. Од друга страна, пак, прозорец не можеме да отвориме, бидејќи целата прашина од улица ни влегува дома, на постелата, на мебелот. Надвор сѐ е побелено од прашина, како да се истурени вреќи цемент, и ако дувне малку ветре, ја разнесува прашината уште повеќе. Автомобилите ни се побелени од прашина, каде и да се паркирани по Бутелска, па дури и ние луѓето кога одиме до пазарче и назад се враќаме облеани во прашина како воденичари – вели Васил Никовски, жител од населбата Бутел.
Неговата сограѓанка Стојна Ливринска се пожали дека веќе има здравствени проблеми од прашината.

– Малку ни беше загадениот воздух, само уште прашината ни фалеше. Веќе четири дена сум болна од оваа прашина, не можам да дишам. А секој ден ја дишеме, нели секој ден мораме да испазариме, мора да поминеме преку улицата за да купиме нешто во продавниците. Еве, сега и времето е убаво, сака човек да излезе да прошета, ама од прашината нема живот ни дома ни надвор – се пожали Ливринска.
И Вера М. се пожали на прашината, а надлежните ги прогласи за неодговорни кон сопствените граѓани.

– Цела зима дишеме загаден воздух и прашина. Нема бегање од неа. За да одиме до пазар дишеме прашина, децата кога одат во градинка или во училиште и кога се враќаат исто така дишат прашина и повеќето се болни и имаат респираторни проблеми. Не можеме да шетаме постојано со маски на лицето, кај за воздухот сега и за оваа прашина. Ова веќе ги преминува сите мерки, а никој не го гледа неодговорното однесување на надлежните. Слушам дека луѓе од прашината се пожалиле и во општината, но со месеци се влечкаат градежните работи и улицата остана недовршена. Прозорец не смееме да отвориме, а пари за прочистувачи немаме – вели Вера.

Ги прашавме во градот што можат да преземат во врска со овој проблем на граѓаните, бидејќи Бутелска е раскопана од ланилето, потоа се копаше на булеварот Босна и Херцеговина, се работи сега и пред социјалните згради на вториот крак на улицата Христијан Тодоровски-Карпош, а бутелчани не можат глава да кренат од цементниот прав по улиците.

Оттаму ни посочија дека при секоја изведба на градежни работи, за жал, се неизбежни подолготрајни градежни активности.

– Градот Скопје во континуитет работи на унапредување на квалитетот на живот на сите жители на Скопје преку реализација на голем број активности. При некои изведби, за жал, се неизбежни подолготрајните градежни активности, особено на проекти што се од поголем обем и се специфични по нивната природа. Градот Скопје изминатиов период, преку ЈП „Комунална хигиена“, спроведува зачестени акции за миење на коловозите на сообраќајниците, за да се намали количеството прашина.

Дополнително, инспекциските служби на градот Скопје засилено ги контролираат сите градилишта дали се придржуваат до прописите за чистота, миење на гумите, миење на улиците пред градилиштата и покривање на камионите што излегуваат од градилиштата со церади. Би сакале да напоменеме дека во последниот период, градот Скопје има вложувано многу во инфраструктура во тој дел од градот, како што е изградбата на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина, на потегот од раскрсницата со булеварот Словенија и улицата Македонска косовска бригада до раскрсницата со улиците Бутелска и Кемал Сејфула, а во моментов паралелно се гради и втората фаза од новиот булевар Христијан Тодоровски Карпош во Бутел – ни одговорија од градот.

Екипа на „Нова Македонија“ вчера беше на Бутелска и не забележа дека улицата е измиена. Напротив, и ние се задушивме од прашина, додека поразговаравме со тамошните жители. Во отсуство на градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски, се обративме до портпаролката на општината Снежана Клинчарова. Таа и како жителка на населбата потврди дека на сите им пречи прашината, а секој автомобил што ќе помине крева прашина. Во општината дури имало и поединечни поплаки од граѓани, кои реагирале за проблемот.

– На последната седница на советот градоначалникот информира дека градот ќе продолжи со работа на Бутелска штом ќе проработат асфалтните бази и дека се чекало некакво усогласување на проектот за асфалтирање на двете ленти на сообраќајницата. Она што е важно е што побргу да се заврши, но проектот е на градот и од нив зависи – објаснува Клинчарова.

Она што во случајов е најважно е дека здравјето на бутелчани е загрозено, бидејќи тоа зависи од чистата животна околина, која веќе со месеци ја немаат. Надлежните мора да покажат повеќе слух, но и грижа за животот во Бутел.

Бутелчани велат дека, по загадениот воздух, само уште прашина им фалеше
Фото: Игор Бансколиев