Во скопска Ќерамидница улицата 520 се полни со вода по секој дожд

Во 21 век сѐ уште имаме населби, и тоа близу градот, чии жители немаат асфалтирани улици и немаат атмосферска и фекална канализација. Газат во кал и вода по секој дожд. Ваков децениски проблем имаат жителите на скопската населба Ќерамидница, а со потребната инфраструктура не можат да се пофалат ниту оние во Визбегово, Волково, Кисела Јабука и други

Инфраструктурата во скопските населби сѐ уште е горлив проблем за повеќето од граѓаните, проблем за чие решавање допрва треба да мислат општините. Во 21 век сѐ уште има населби, и тоа близу градот, чии жители немаат асфалтирани улици и немаат атмосферска и фекална канализација. Газат во кал и вода по секој дожд. Ваков децениски проблем имаат жителите на скопската населба Ќерамидница од улицата 520, близу старата кланица. Состојбата ја илустрираат и со фотографии споделени на социјалните мрежи, а од нив може да се види дека улицата повеќе личи на канал. Насобраната вода нема каде да истече, бидејќи нема атмосферска канализација. По секој дожд треба да се вшмукува со цистерни, се жалат тамошни жители. Бараат спас од општината Гази Баба или од ЈП „Водовод и канализација“, но бидејќи долго чекаат на интервенција од општинарите изгубиле секаква надеж за спас. Овие граѓани не се единствени во својот проблем, бидејќи со слични ситуации се судираат и оние што живеат во скопско Визбегово, потоа оние во Волково и Кисела Јабука, жителите на Кучевишка Бара и други. Инфраструктурата е нивен заеднички именител, било да станува збор за неасфалтирани улици или, пак, за неизградена атмосферска канализација.

– Бараме од општината гондоли како тие од Венеција или од „Водовод и канализација“ да дојдат да го решат проблемот. Ако некој знае каде да се обратиме дајте контакт. Проблемов е десетина и повеќе години, фала на тоа што мислите на нас граѓаните. Ќе ви вратиме со глас бидете сигурни – напиша Мартин Митевски, жител од скопска Ќерамидница на социјалните мрежи.

За улицата 520, тамошните жители велат дека не само што е разрушена на потегот од „Комуналец“ до старата „Комуна“ туку во неа по секој дожд водата се слева од три улици и останува заглавена бидејќи нема одвод, нема шахта. Улицата е калдрма и полна со дупки. Населбата постои повеќе од шеесетина години, а уште има улици каде што нема улично светло и не можат да поминат од кучиња скитници. Оставени се и заборавени, иако многупати пишувале петиции и доставувале барања до општината Гази Баба за решавање многу проблеми, како на пример да се направи атмосферска канализација на улиците, да се зголеми напонот на струјата, да се направат тротоари од почетокот на коцката кај јавното комунално претпријатие до „Комуна“, да се стави осветлување на пешачкиот мост.

До општината Гази Баба поставивме прашања дали има решение за проблемите на овие жители и дали станува збор за урбанизиран или неурбанизиран дел, а оттаму вчера ни рекоа дека поради презафатеност со настани не ќе можат да ни одговорат. Градоначалникот Борче Георгиевски само кратко ни рече дека му се познати проблемите за Ќерамидница и дека има малку детални урбанистички планови за населбата.

И жителите на скопско Визбегово сѐ уште мака мачат со низа инфраструктурни проблеми. Неодамна во својот отчет за сработеното во изминативе две години, градоначалникот на општината Бутел, под која припаѓа и ова населено место, се пофали дека во индустриската зона Визбегово е реализиран најголемиот инфраструктурен проект, а тоа е изградбата на водовод и канализација. Во оваа населба допрва треба да се реконструираат и некои од веќе изградените улици.

Населбата најпрвин се развиваше како индустриска зона, а потоа се градеа нови домови, а со зголемувањето на бројот на жителите се зголемија и нивните потреби за подобра инфраструктура.