Повеќе студии направени од Центарот за јавно здравје во Скопје покажале континуирано високо загадување на сите реки во скопскиот регион, па и на Вардар. Вистинска штета е во време на високи екотехнологии богатството на водите, кои ги имаме во изобилство, граѓаните да не го користат за рекреација, спорт, риболов, наводнување, па и за пиење. Во таков контекст, ЈП „Водовод и канализација“ почнува капитален проект за спас на реките со изградба на централна пречистителна станица. Станува збор за проект со вредност од 136 милиони евра, со кој трајно ќе се реши овој горлив проблем, а се очекува станицата да биде изградена до 2025 година

Центарот за јавно здравје годишно прави испитувања на вкупно 70 мостри од водите на реките во скопскиот регион. Освен Вардар, се испитуваат и водите на Пчиња, Лепенец и Треска. Реката Вардар има мерни места во Сарај, кај мостот во Влае, потоа во централното градско подрачје кај Камени мост, кај сајмиштето и ОХИС и кај селото Трубарево.

Фактичка состојба

Најзагрозено подрачје во однос на загаденоста на водата на Вардар е делот од сајмиштето кон ОХИС и Трубарево.
Многу студии и претходно направени од Центарот за јавно здравје во Скопје покажале континуирано високо загадување на сите реки во скопскиот регион, па и на Вардар. Водата на оваа река не за човечка употреба, ниту е за капење, ниту за наводнување. Некои од стручњаците оценуваат дека и уловената риба не е за јадење. Поради ваквата состојба, од Центарот упатуваат апел до општинските комунални инспектори многу повеќе да ги контролираат критичните места. А според комуналните инспектори и нивните службени белешки, во Вардар се фрлаат кабаст отпад, мрши, шут… Граѓаните сведочат со фотографии и видеоклипови дека по обилни дождови дури и во централното градско подрачје по површината пливаат купишта пластични шишиња и други пластични предмети.

Водата во реката Вардар е од четврта категорија, не е ниту за капење

Д-р Љупчо Костадиновски, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центарот за јавно здравје – Скопје, е еден од луѓето што е задолжен, но и загрижен за состојбите со скопските речни води.
– Би сакал да ги истакнам овие три места, сајмиште, ОХИС и Трубарево, затоа што секојдневно одам натаму по тој пат и сум забележал дека месното население испушта фекални материи со цистерни директно во Вардар – вели Костадиновски. Има луѓе што чистат септички јами, наплаќаат за оваа услуга, а фекалиите ги испуштаат во Вардар. Треба да има пречистителна станица и јас се согласувам со тоа, но ако не се стопираат ваквите испуштања и ако не почнеме да ги казнуваме несовесните луѓе, нема да се постигне саканата цел. Кога би имало пречистителна станица за отпадни води, се согласувам дека ќе биде многу подобрена ситуацијата. Меѓутоа, може да се постават и пет пречистителни станици, но ништо нема да се направи ако свеста на граѓаните не е на потребното ниво, ако во реките и натаму се фрла секаков вид отпад.
Потенцијалните загадувачи мора да знаат дека не смеат да испуштаат фекалии и други отпадни материи во речните води. Попусто ние повторуваме цело време дека водата е загадена и дека не смее да се користи, но ретко кој слуша. Мора да има правила и казнени мерки и треба тие да се спроведуваат. Теорија имаме, во практика не се прави тоа – вели д-р Љупчо Костадиновски, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центарот за јавно здравје – Скопје.

Костадиновски објаснува дека реката Вардар со години бактериолошки е во четвртата највисока категорија на загаденост, додека хемиски некогаш е помеѓу четвртата и петтата класа, а тоа зависи од годишниот период.
– Во зимскиот период водите хемиски се малку почисти, поради зголемените количества врнежи и поради топењето на снегот напролет. Но кај сите реки многу е полошо во лето, кога има малку врнежи и голема суша и од нив се развива непријатен мирис. Тоа ги привлекува комарците и мувите, а тие, пак, предизвикуваат други непријатности – вели д-р Љупчо Костадиновски.
Костадиновски додава дека ако се знае дека водата на Вардар е од четврта категорија бактериолошки, тоа значи дека таа е забранета за капење на граѓаните. Во спротивно можат да добијат исип по телото, питеријазис, конјунктивитис на очите или, пак, да добијат проливи или хидрични епидемии во случај ако дете не сакајќи голтне од речната вода. Исто така, забрането е секакво полевање на земјоделските култури, секако да не дојде и до нивно загадување. Земјоделските производи може да се одгледуваат само со квалитетна вода, а за ова е потребна вода од втора или од трета категорија.

ЈП „Водовод и канализација“ почна грандиозен проект за бенефиции на идните генерации скопјани

Чистотата на водата на реката Вардар е еден од приоритетите на Град Скопје и на ЈП „„Водовод и канализација“ и за таа цел тие спроведуваат голем број проекти за нејзина заштита и прочистување.
– Во моментов постои пречистителна станица за отпадните води во Волково, која функционира од 2016 година и за нејзината изградба беа инвестирани околу седум милиони евра. Сепак, најкруцијалниот капитален проект на ова поле е секако изградбата на централната пречистителна станица, а постапката и јавните набавки за нејзина изградба се во тек. Станува збор за проект со вредност од 136 милиони евра со кој трајно ќе се реши овој горлив проект, а истата таа се очекува да биде изградена до 2025 година. Јавната набавка ја предводи ЈП „Водовод и канализација“, а во тек е постапката за претквалификација за избор на најповолен понудувач за проектирање и изградба на постројката. Заинтересираните компании ќе можат да аплицираат на повикот до 17 август. Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој обезбедија средства за проектот во висина од 136,73 милиони евра – информираат од Град Скопје.

Оттаму велат дека загадувањето на Вардар се разликува, од фрлање отпад и градежен шут до загадување од индустриски капацитети. Велат дека од видот на загадувањето зависи која институција и кој инспекторат се надлежни да постапат.
– Таков случај имавме лани во септември со поморот на риби каде што по пријава од граѓани нашиот инспекторат излезе на терен, направи увид и зеде мостри од водата и истото тоа го пријави до државниот инспекторат, кој е надлежен за инспекција на големите индустриски комплекси што работат со А-интегрирана дозвола. Се покажа дека поморот беше предизвикан од компанија во комплексот „Железара“, за што државниот инспекторат постапи соодветно. За одржување на чистотата на кејот на реката Вардар, Град Скопје и неговите јавни претпријатија во континуитет вршат акции за чистење на коритото на реката, како и кејот и јавните површини. Во моментов се одвиваат вакви акции на повеќе локации, а по повеќе години беше извршено и целосно чистење на каменот на кејот на Вардар – појаснуваат од Град Скопје.