Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Возењето на овие тротинети не е регулирано со закон. Градот Скопје го субвенционира нивното купување заради намалување на загаденоста на воздухот. Поради нивното користење, потребна е законска регулатива, да се знае каде можат да возат за да не ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот

Кога ќе се спомне тротинет, првата помисла е дека станува збор за играчка за деца, а не за превозно средство. Повеќето мислат дека е смешна работа да се користи за превоз и на тротинетот гледаат со потсмев. Но кога станува збор за електрични тротинети, ситуацијата е малку поразлична. Тоа што се лесни, мали и брзи овозможува поедноставно пробивање низ секојдневниот градски метеж. Токму поради оваа предност, сѐ поголем број главно млади ги користат низ градов. За нив не важат никакви правила, па тие возат и по тротоари, по велосипедски патеки, по јавни шеталишта, па дури и по коловозни ленти. На некој начин стануваат учесници во сообраќајот, кои можат да предизвикаат и одредени опасности, кои не се за запоставување.

Граѓаните се жалат дека електричните тротинети им пречат на јавните шеталишта. Велат дека се движат на пешачки патеки, на патеки за велосипеди, а некои возат и по коловозната лента. Се прашуваат дали за нив постојат закони.

– Електричните тротинети се движат кај сакаат, од пешачки патеки, на улица, па и на велосипедски патеки. Кај ќе им текне, таму одат. Кога се возам со велосипед ми се случило да ме престигне електричен тротинет. Тивки се, а и помали во споредба со другите превозни средства затоа кога ме поминуваат и не ги очекувам. Пред неколку дена имав случка возејќи автомобил. При возење пред мене од десната страна на улицата имаше паркирано автомобил. Од некаде, најверојатно од тротоарот излезе возач со електричен тротинет со голема брзина на коловозната лента, возејќи во спротивна насока. Најверојатно оној со тротинетот сакал да го заобиколи паркираниот автомобил и се престроил на коловозната лента, но јас тоа не го видов ниту го очекував. Велосипедистите вообичаено можат да се забележат и тие не возат во спротивен правец на коловозот. Во вакви случаи со тротинетите може да има сообраќајка. Не знам дали за нив постои некаков закон со кој се регулира нивното учество во сообраќајот, бидејќи тие можат да достигнат високи брзини. Оние што ги користат тротинетите не почитуваат никакви правила и на тој начин им предизвикуваат проблеми на другите учесници во сообраќајот – вели Александар Стаматовски.

Во изминативе две години се зачести употребата на електричните тротинети. Градот Скопје промовира субвенционирање за електрични тротинети можеби и затоа почесто можат да се забележат по скопските улици. Но нивната голема подвижност, мала тежина и не толкава регулираност претставува проблем за некои од граѓаните. Затоа е потребно нивното учество во сообраќајот да се регулира со некакви законски норми.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека веќе се почнати интензивни по­д­го­то­в­ки за измени и до­по­л­­нувања на Законот за бе­з­бе­д­но­ст во со­о­б­ра­ќајот.
Истражувајќи го Законот за безбедност на сообраќајот и на патиштата, откривме дека тротинетите се опфатени како учесници во сообраќајот во категоријата пешаци, додека, пак, електричните тротинети не се воопшто опфатени.

– Во членот 102 пишува: пешак е лице што учествува во сообраќајот, а не управува со возило, ниту се превезува во возило или на возило, лице што со сопствена сила турка или влече рачна количка, запрежно возило или моторно возило, детско превозно средство, велосипед, мопед или подвижен стол за немоќни лица, лице во подвижен стол за немоќни лица што се движи со сопствена сила или со сила на мотор, ако притоа се движи со брзина на човечки од, како и лице што се лизга на лизгалки, скии, санка или се вози на тротинет, ролшуи или ролери. Во членот 120 се нагласува дека на коловоз не смее да се игра, лизга, скија и санка, како и да се возат тротинет, ролери, скироли и друго – се наведува во Законот за безбедност на сообраќајот и на патиштата.

Електричните тротинети сега се користат како лесен и алтернативен начин на транспорт што го промовира и градот Скопје, кој за нивно купување дава и субвенции.

– Во насока на намалување на автомобилскиот сообраќај во Скопје, градот Скопје работи на промоција на јавниот превоз, како и алтернативните начини на транспорт. Користењето електрични тротинети се едни од алтернативните начини на транспорт и истите тие имаат поголем број бенефиции: истите тие се еколошки и не го загадуваат воздухот, тие придонесуваат за намалување на сообраќајниот метеж. Минатата година 109 граѓани ја искористија можноста да добијат субвенции за набавка на електрични тротинети, а градот Скопје има во план да распише јавен повик за субвенции за електрични тротинети во наредниот период – велат од градот Скопје.

Електричните тротинети можат да постигнат брзина од 15 до 80 километри на час во зависност од марката на тротинетот. Тие што најчесто постојат кај нас вообичаено постигнуваат брзина до 30 километри на час. Брзината со која се движат и непочитувањето на некакви правила претставува проблем. Затоа електричните тротинети мора некако да се регулираат, на еден или на друг начин, бидејќи сепак оние што ги користат претставуваат учесници во сообраќајот.

[email protected]