Фото: Игор Бансколиев

Парк-шумата Водно во изминатиот период се соочува со уништување со изградбата на гасовод низ нејзините значајни подрачја полни со биодиверзитет. Во последните неколку месеци еколошките организации и иницијативи водат битка со институциите за да го зачуваат единственото поголемо парче зеленило што му остана на градот Скопје, реагираат од здружението „Еко-свест“.

– Станува збор за спорната делница Скопје – Гостивар – Кичево од проектот за национален гасификациски систем на Република Македонија, за чии потреби е одбрана траса што минува по сртот на парк-шумата Водно и низ значајни подрачја на природата чие уништување е неповратно – велат од „Еко-свест“.

Од здружението додаваат дека изминатата недела испратиле дописи до меѓународни институции за да алармираат за проблемите што на овој простор ги предизвикува изградбата на гасовод. Предвидената траса низ парк-шумата Водно ќе минува низ значајни растителни подрачја со ретки и загрозени билки, а нејасно е какво ќе биде влијанието на изградбата на трасата врз Матка, пештерата Убавица и Буково, кои исто така претставуваат значително растително подрачје.
– Оцената за влијанието врз животната средина нема стратегија за управување со ризици, ниту се испочитувани мерките за намалување на негативните влијанија при расчистување на теренот. Дополнително, изминатата недела излегоа информации според кои биологот што е потпишан на овој документ воопшто не учествувал во неговата изработка. Со ова се доведува во прашање веродостојноста на податоците и самата студија – објаснуваат од „Еко-свест“.

Во фазата на планирање се разгледуваа повеќе можни траси по кои би можел да поминува гасоводот, меѓутоа останува нејасно зошто се отфрлени другите траси, а била избрана токму трасата низ парк-шумата Водно.
– Во постапката за оцената за влијанието врз животната средина биле спроведени јавни расправи во засегнатите општини, на кои не биле поканети граѓани и граѓански организации што работат во сектор животна средина. Поради сите овие причини, а и важниот факт дека на одбраната траса постојат барем две ерозивни подрачја, чија дефорестација би значела зголемување на ризикот од лизгање на земјиштето и загрозување на безбедноста на скопјани, уште еднаш апелираме до властите гасоводот да не поминува низ Водно и бараме почитување на законите и подзаконските акти – порачуваат од „Еко-свест“. С.Р.