Основното училиште „Петар Поп Арсов“ во Карпош 4 неодамна доби нова екоучилница. Во надворешниот дел од дворот, со реупотреба на пластика и дрво, направени се нови елементи за потребите на учениците и наставниот кадар и за спроведување настава на отворено. Оваа училница дополнително ќе се прошири во должина на преостанатиот дел од дворот, за да опслужува повеќе ученици.
На овој начин се овозможува побезбеден образовен процес за учениците што ја следат наставата со физичко присуство, а притоа се поттикнува и креативноста кај младите.
Првата екоучилница од ваков тип беше направена во училиштето „Лазо Трповски“, а потоа примерот го следеа и другите образовни институции во Карпош, училиштата „Владо Тасевски“, „Вера Циривири-Трена“ и „Аврам Писевски“.

– Овие денови ќе распишеме јавен повик за избор на најдобро уреден училиштен
двор или дел од дворот, на кој ќе можат да аплицираат сите десет основни
училишта. Ги стимулираме учениците, наставниот кадар и родителите да се вложат во раззеленување на овие површини и планско искористување на просторот за потребите на најмладите жители – истакна градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.
Тој истакна дека Општина Карпош го подготвува и јавниот повик за субвенционирање нови велосипеди. Исто така, претстои изведба на уште четири маалски паркови, каде што ќе се засадат нови тревни површини и украсни растенија со системи за наводнување, а ќе се постават и реквизити за најмладите.
Оваа сезона, Карпош продолжува и со зголемување на меѓублоковското зеленило, при што, внатрешно, во сите населби ќе бидат засадени 150 висококвалитетни дрвја.