Фото: Игор Бансколиев

Изминативе месеци вработените од „Комунална хигиена“ реализираа неколку акции за чистење диви депонии. И некои од еколошките здруженија почнаа акции за издигнување на свеста кај граѓаните. „Екосвест“ почна акција што ја нарекува еколошки пости и која опфаќа повеќе активности и препораки за почиста околина и подобро здравје

Дека еден дел од граѓаните не покажува еколошка свест, доказ се секојдневните вести и информации за многубројните акции и големите количества ѓубре што се собираат од направените диви депонии. Изминативе месеци вработените од „Комунална хигиена“ реализираа повеќе акции за чистење диви депонии, па дури исчистија и огромно ѓубриште во приватен двор за да ја подобрат чистотата во градот Скопје. Секако не треба да се заборават акциите што беа реализирани во студентските домови, потоа акциите за чистење на реката Вардар, на дивата депонија кај Јадранската магистрала, каде што за седум дена беа исчистени триста кубни метри отпад.
И некои од еколошките здруженија во периодов почнаа акции за издигнување на свеста кај граѓаните. „Екосвест“ почна акција што симболично ја нарекува еколошки пости.

– Граѓаните на нашата земја немаат повеќе време за меѓусебно обвинување, ниту имаат време да чекаат некој друг да ни ги поправи работите. Затоа започнуваме со дваесет дена еколошки пости. За време на екопостите ќе се пости од користење автомобил, од купување производи во пластика и многу амбалажа, од шопинг со пластични ќесиња. За време на 20-дневниот пост ќе одиме пеш и со велосипед, ќе одиме во шопинг со платнени торби, ќе си ги носиме со нас реупотребливото шише или термос за вода. Ќе штедиме струја, ќе садиме медоносни растенија и зеленило на балконите и во нашите дворни површини, ќе штедиме вода, ќе јадеме сезонска храна, која е одгледана во нашата земја, и креативно ќе ги реупотребуваме пластичниот, стаклениот и текстилниот отпад. На еколошкиот пост се поканети и политички лидери, претставници на законодавниот дом, судии, министри и градоначалници, и тие нека ги применат еколошките пости да преземат активности за носење и спроведување правилни политики со кои ќе ни овозможат чиста животна средина и безбедна иднина – се вели во соопштението на „Екосвест“.

И навистина низ градов има многу грди слики со расфрлано ѓубре по разни јавни површини. Екопатролите на „Комунална хигиена“ реализираат едукативни активности на терен, при што ги информираат граѓаните како правилно и совесно да постапуваат со својот отпад. Така, на пример, тие ги информираат граѓаните каде треба да заврши стариот мебел или градежниот шут, а каде електронскиот отпад.

– Во скопските општини Аеродром и Кисела Вода, граѓаните беа едуцирани дека Законот за јавна чистота забранува градежниот и кабастиот отпад да се фрла на јавните површини или во контејнерите. Тие беа информирани дека ЈП „Комунална хигиена“ им овозможува електронската, електричната опрема и застарениот мебел да го депонираат во центрите за селекција на отпадот во Карпош и во Вардариште, без плаќање паричен надоместок.

За превентивно дејствување на прагот од пролетната сезона, Екопатролата оствари и низа средби со сопственици и вработени во угостителските објекти на кејот 13 Ноември, со кои беше разговарано за правилното третирање на отпадот од храна и елиминирањето на исцедоците што создаваат непријатна миризба околу садовите и можност од зарази – велат од „Комунална хигиена“.

Комуналците тврдат дека во контејнерите наменети за комунален отпад, речиси секојдневно наоѓаат предмети на кои не им е местото таму, како на пример медицински шприцеви, истрошени батерии, пепел и жар од скарите на угостителските објекти и течна храна, која исто така завршува во контејнерите.

Периодов навистина имаше разни денови што беа посветени на екологијата. Сите иницијативи се добредојдени затоа што е потребно повеќе да се работи на издигање на свеста кај граѓаните, отколку на подигањето на ѓубрето. И до толку подобро за сите, повеќе едукација, а помалку акции за подигање диви депонии, кои се надеваме во иднина ќе ги има што помалку. Време е да стекнеме навики како се селектира отпадот, но најпрвин каде кој отпад треба да завршува.

[email protected]