Настаните ќе се одржуваат под мотото „Комбинирај и движи се“

Градот Скопје го започна годинашното одбележување на Европската недела на мобилност 2018, а во рамките на овој настан за граѓаните ќе понуди низа активности посветени на алтернативното и одржливо движење. Европската недела започна вчера и ќе трае до 22 септември, а градот Скопје ќе организира разновидна програма, како за најмладите, така и за највозрасните, но и за јавниот и приватниот сектор. Кон Европската недела ќе се приклучат и некои од скопските општини.

Во рамките на Европската недела на мобилност вчера се одржа велопикник и велоекспо на Средно Водно, а посетителите имаа можност да погледнат промоција на велосипедски продавници, сервиси и занаети низ Скопје и различни велосипеди, како и да уживаат во музичката програма со диџеј.

За денеска, според планираното, од 20 до 22 часот, на Школка во Градски парк ќе има осврт на последиците на климатските промени врз животната средина, а присутните ќе имаат можност да го погледнат документарниот филм „Пред поплавата“ (Before the flood).

Традиционалниот саем на електрични возила е закажан за четврток, во периодот од 10 до 13 часот, на Техничкиот кампус. Ученици од средните и од основните училишта од градот ќе имаат можност да се запознаат со електричните возила и да возат електроконвој од Техничкиот кампус до плоштадот „Македонија“.

– За овој ден ги издвојуваме и презентациите на проектите од областа на транспортот во Скопје, кои ќе се одржат од 14 до 16 часот, во салата на Советот на градот Скопје. Во 19 часот е закажан тедекс-настан на тема „Иднината на транспортот“. На 21 септември, петок, во 10 часот на градските улици ќе се вози големо велосипедско дефиле, кое ќе тргне од плоштадот „Македонија“, а ќе заврши кај Школка во Градски парк. Најсреќните учесници во дефилето на лотарија ќе имаат можност да добијат пригодни награди – соопштуваат од Градот.

Оттаму информираат дека истиот ден, од 10 до 12 часот, кај фонтаната „Лотосов цвет“, ќе се одржи традиционалната манифестација „Движи се за здравје“ – едукација за правилен развој и моторика кај децата, а ќе учествуваат деца од детските градинки во Скопје.

Одбележувањето на Европската недела на мобилност 2018 ќе заврши в сабота, на 22 септември, со промоција на комбиниран превоз со железница и велосипед. Во 11 часот велосипедистите ќе патуваат со воз од Лисиче до Ѓорче Петров и ќе возат до центарот на градот, до улицата Димитрие Чуповски, каде што ќе се одржи настан, насловен „Вело-кафе на улица“. Поточно, на 22 септември улицата Димитрие Чуповски ќе биде затворена за сообраќај во периодот од 10 до 14 часот, а на коловозот ќе бидат поставени маси, клупи и детски реквизити, за граѓаните да се дружат на отворено и да испијат вело-кафе.

Европската недела на мобилност 2018 градот ја организира во соработка со невладините организации „Македонски зелен центар“, „Екосвест“, „Гоу грин“, „Прв до врв“ и „Смарт ап – лабораторија за социјални иновации“.

Годинава Европската недела на мобилност е под мотото „Комбинирај и движи се“, а ќе се вклучат над 2.400 града од Европа и од светот. Целта е да се испрати силна порака за користење на алтернативните видови транспорт и за комбинирање на одржливите начини на превоз до саканата дестинација. С.Р.