Фото: Дарко Андоновски

Здружението на сопственици на деловен простор во трговскиот центар Бисер, Скопје, вчера излегоа на протест, со барање сопственикот на пекарницата „Силбо“ да го сруши диво изградениот дел од својот објект.

Тие велат дека веќе еден месец се обидуваат да го спречат нелегалното градење на објект во рамките на веќе постоечкиот. Според урбанистичкиот план пекарницата „Силбо“ добила дозвола за поставување на урбана опрема, а во меѓувреме здружението на сопственици на деловен простор поднеле пријава за отстапување од првичниот проект елаборирајќи до инспекторат во општина Аеродром.

Овластен инспектор утврдил дека нема никакви отстапки, но ова го констатирал во процесот на градба на објектот, кој по завршувањето на градежните зафати отстапил од проектната рамка. На реакција и повторна жалба од дуќанџиите до општина Аеродром, им било одговорено дека отстапки се утврдени и сопственикот во рок од 10 дена мора да ги усогласи фактичките состојби со оние од проектот, со што во спротивно решението присилно ќе биде извршено.

Но, поради жалбата на сопственикот, решението за рушење е одложено, а управната постапка запрена, иако жалбата не го одложува извршувањето, вели Зоран Митковски, претседател на здружението на сопственици на деловен простор за одржување на ТЦ Бисер. Х.Ј.