Локалните жители во постојана потрага по паркинг

На улицата Веселин Маслеша во населбата Карпош, откако беа отстранети бетонските пречки околу дрвјата, до нив се најдоа паркирани автомобили. Тротоарот на оваа сообраќајница буквално е претворен во паркиралиште, а пешаците мораат да одат по коловозот на улицата. Но паркирани автомобили се оставаат и на самата улица. МВР нема одговор како ќе се реши проблемот

Како да нема спас од несовесните возачи, кои паркираат автомобили по тротоари и го узурпираат пешачкиот простор. На некои скопски сообраќајници дрвјата беа ослободени од бетонот околу нивните корења, а веднаш потоа тротоарите беа заробени од паркирани возила.

Неодамна градот Скопје во соработка со општините Центар, Карпош, Чаир и Аеродром реализираа акција за ослободување на заробените дрвја од градежен материјал при нестручно изведени градежни активности. Tим од Шумарскиот факултет прецизно мапира точно 841 заробено дрво во градот, од кои околу 150 се веќе ослободени за да можат непречено да се развиваат. Таков е примерот на улицата Веселин Маслеша во населбата Карпош. Бетонските пречки околу дрвјата беа отстранети, но не и паркираните автомобили. Тротоарот на оваа сообраќајница буквално е претворен во паркиралиште, а пешаците мораат да одат по коловозот на улицата. Но паркирани автомобили се оставаат и на самата улица. На овој дел од Карпош се паркира кој каде ќе стигне, велат тамошните жители од станбените згради, а тие што живеат тука секој ден мака мачат за да најдат слободен паркинг-простор.

Бидејќи често не наоѓаат слободно место, граѓаните што живеат на тамошни адреси своите автомобили мораат да ги оставаат на паркиралиштата од околните улички, а потоа штом ќе се ослободи простор итаат да го препаркираат своето возило. На таков начин се борат за паркиралиште и жители од други скопски населби. За истово неодамна по социјалните мрежи дискутираа жители на Кисела Вода, кои исто така штом дојдат подоцна во денот, немаат каде да го остават своето возило и постојано се борат за паркинг. Слично, ако не и полошо, е и во Капиштец каде што паркинг-местата наменети за жителите ги користат оние што работат во зградите на околната администрација.

– Ова е секојдневен проблем на нашата улица, ако не и за цело Скопје. Дрвјата ги ослободија од бетонот, а заробен е тротоарот. Нема каде да се помине од паркирани возила, а ниту пак се наоѓа простор да се паркираме кога се враќаме од работа. Пешачкиот дел од улицата е полн со возила и секојдневно се бориме за паркинг-место на улицата на која живееме. Ако не успееме да најдеме, принудени сме да ги оставаме возилата наоколу и тогаш не сме мирни, кога не ни се пред очи. Ова со паркирањето мора некако да се реши – вели граѓанин, кој живее на улицата Веселин Маслеша.
А како ќе се реши непрописното паркирање по тротоарите на улицата Веселин Маслеша, како и на други локални улици со сличен проблем, ги прашавме во општината Карпош, од каде што, пак, се децидни дека за проблемот се надлежни Министерството за внатрешни работи и „Градски паркинг“.

– Паркирањето во општината Карпош во голема мера е апсолвирано во смисла на обезбеден паркинг-простор за станарите на зградите и е бесплатно. Таков е случајот во сите урбани заедници, па и во Карпош. Што се однесува до непрописното паркирањето на улицата Веселин Маслеша, односно на недозволено место на тротоари, доколку има такви случаи, тоа е проблем што треба да биде решен од страна на МВР и на „Градски паркинг“ – велат од општината Карпош.

Од МВР не добивме одговор дали се запознаени со проблемот на Веселн Маселеша, ниту пак како планираат да го решат. А од градот Скопје тврдат дека работат во континуитет на ослободување на јавните површини, како и пешачките и велосипедските патеки од паркираните возила.

– Заедно со ЈП „Улици и патишта“ во континуитет, таму каде што дозволуваат условите, поставуваме заштитни столпчиња, за да се спречи паркирањето возила на тие локации. Конкретно посочената улица е во општинска надлежност и за ваква некоја мерка треба да се обратите кај нив – ни рекоа од градот.

Тие истакнаа дека во координација со ЈП „Градски паркинг“ во континуитет работат на ослободување на јавните површини, а во нивна надлежност се и јавните зелени површини. Оттаму посочија дека пешачките и велосипедските патеки, како и сообраќајниците, се во надлежност на сообраќајната полиција.